Јона 1:1-6
Јона 1:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И дојде слово Господово до Јона, синот на Амитај: „Стани и оди во Ниневија, градот голем, и проповедај во него, зашто неговите лоши дела стигнаа до Мене.“ А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јафа, каде што најде брод што плови за Тарсис, па откако ја плати возарината, влезе во него за да избега во Тарсис од лицето Господово. Но Господ испрати силен ветар над морето, и настана голема бура, така што бродот за малку ќе се разбиеше. Морнарите се уплашија и повикаа секој кон својот бог, па почнаа товарот од бродот да го фрлаат во морето, за да му се олесни; а Јона беше слегол во дното на бродот, легнал и длабоко заспал. Тогаш дојде кај него капетанот на бродот и му рече: „Што, ти спиеш!? Стани и повикај кај твојот Бог! Можеби Тој Бог ќе се сети на нас, и ние нема да загинеме.“
Јона 1:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господовото слово му дојде на Јона, синот Аматиев и му рече: „Стани, оди во Нинивија, град голем, и викај против него, зашто нивното зло се воздигна пред Моето лице.“ А Јона стана за да побегне во Тарсис, од Господовото присуство. Слезе во Јафа и најде брод што пловеше во Тарсис. Го плати возењето и слегна во него за да отплови со нив во Тарсис, далеку од Господовото присуство. Но Господ фрли голем ветар на морето, и стана голема бура во морето, та мислеа дека бродот ќе се разбие. Морнарите се исплашија; секој го повика својот бог, и за да го олеснат, го фрлаа во морето товарот што беше во бродот. Јона пак беше слегол на дното на бродот, легнал и заспал со цврст сон. Заповедникот на бродот му пристапи и рече: „Што е со тебе, спанко? Стани и повикувај Го својот Бог! Можеби Тој Бог ќе си спомне за нас за да не загинеме.“