Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 6:25-51

Јован 6:25-51 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде овде?“ А Исус им одговори и рече: „Вис­ти­на, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте. Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот и која ќе ви ја даде Синот Чо­веч­ки, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот.“ А тие Му рекоа: „Што да правиме за да извршуваме Божји дела?“ Исус им одговори и рече: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној Кого Го испрати Тој.“ А тие Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да поверуваме? Што ќе направиш? Татковците наши јадеа мана во пус­тината, како што е напишано: ‚Леб од небото им даде да јадат.‘“ Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не ви даде Мојсеј леб од не­бото, туку Мојот Отец ви дава вистински леб од небото. Зашто лебот Божји е Оној, Кој сле­гува од небото и му дава живот на светот.“ Тогаш тие Му рекоа: „Господи, да­вај ни го секогаш тој леб!“ А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; кој доаѓа кај Мене, нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни. Но ви реков: вие и Ме видовте и пак не верувате. Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде кај Мене; а кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор; зашто Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не за­губам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден. Волјата на Оној што Ме прати е: се­кој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, а Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ Се разгневија против Него Јудеј­ци­те, зашто рече: „Јас сум лебот што сле­зе од небото“, и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, Јо­сифовиот син, Чиј татко и мајка ги познававме? Како тогаш Тој вели: ‚Слегов од небото.‘“ Им одговори Исус и рече: „Не мр­морете меѓу себе. Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме пра­ти; и Јас ќе го воскреснам во последни­от ден. Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа кај Мене. Но тоа не значи дека некој Го видел Бога, освен Оној Кој е од Бога; само Тој го видел Отецот. Вистина, вистина ви велам: Кој ве­рува во Мене има вечен живот. Јас сум лебот на животот. Татковците ваши јадеа мана во пус­тината и умреа; а ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од не­бото; кој јаде од овој леб, ќе живее веч­но; а лебот што ќе го дадам Јас, е Мо­ето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“

Јован 6:25-51 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“ Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте! Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“ „Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие. Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“ Тогаш тие Му рекоа: „Какво чудо ќе направиш, за да видиме, па да Ти поверуваме? Што ќе направиш? Нашите предци јадеа мана во пустината, како што стои запишано: ,Бог им даде да јадат леб од небото‘.“ Исус, пак, им одговори: „Ве уверувам дека не беше Мојсеј тој што ви даде леб од небото, туку Мојот Татко. И сега Мојот Татко ви го нуди вистинскиот Леб од небото. Зашто, Лебот што ви го дава Бог е Оној што слезе од небото, за да му даде живот на светот.“ „Господине“, - му рече народот - „давај ни го тој леб секогаш!“ Исус им рече: „Јас сум животодавниот Леб! Оној што доаѓа кај Мене никогаш нема да огладни и оној што верува во Мене никогаш нема да ожедни. Но ви реков дека, иако Ме видовте, сепак не верувате во Мене. Секој што Ми е даден од Татко Ми, ќе дојде кај Мене, а Јас нема да одбијам ниту еден од оние што доаѓаат кај Мене. Јас не слегов од небото за да ја вршам Својата волја, туку да ја вршам волјата на Бог, Кој Ме прати. А волјата на Бог, Кој Ме прати е да не изгубам ниту еден од оние што Тој ми ги даде, туку на крајот сите да ги воскреснам за вечен живот. Волјата на Мојот небесен Татко е: секој што го гледа Синот и верува во Него, да има вечен живот и на крајот Јас да го воскреснам.“ Тогаш Евреите почнаа незадоволно да мрморат против Исус, затоа што рече: „Јас сум Лебот што слезе од небото!“ Говореа: „Зар Овој не е Исус, синот на Јосиф, и зар не ги познаваме татко Му и мајка Му!? Како може да вели дека Тој слегол од небото!?“ Исус им одговори: „Не мрморете помеѓу себе! Никој не може да дојде кај Мене, ако небесниот Татко, Кој Ме прати, не го привлече; а на крајот, Јас ќе го воскреснам за вечен живот! Во пророчките книги на Светото Писмо стои запишано: ,Бог ќе ги научи сите‘. Секој што Го слуша небесниот Татко и учи од Него, доаѓа кај Мене. Тоа не значи дека некој Го видел Бог, освен Оној Кој потекнува од Бога. Само Тој го видел Таткото. Ве уверувам дека оној што верува во Мене, веќе има вечен живот. Јас сум животодавниот Леб. Вашите предци јадеа мана во пустината, но потоа умреа. Еве Го Лебот што слегува од небото, за секој да може да јаде од Него и да не умре. Јас сум животодавниот Леб Кој слезе од небото! Кој се храни од овој Леб - ќе живее вечно! А Лебот што Јас ќе го дадам за животот на светот е Моето тело.“

Јован 6:25-51 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Го најдоа на другата страна на морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде тука?“ Во одговор Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Ме барате не затоа што ги видовте чудните знаци, туку дека ги јадевте лебовите и се наситивте. Рабо-тете не за храна што се расипува, но за храна што останува за вечен живот, а што ќе ви ја даде Чове-чкиот Син, зашто Бог Таткото Го потврди Него за тоа!“ Тогаш Му рекоа: „Што да правиме, за да ги извршуваме Божјите дела?“ Исус одговори и им рече: „Божјото дело е ова: да верувате во Оној, Кого Тој Го испратил.“ Тие пак Му рекоа: „Каков знак правиш, да видиме и да Ти поверуваме? Што правиш?“ Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: „Им даде да јадат леб од небото.“ Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Мојсеј не ви даде леб од небото; а Мојот Татко ви дава вистински леб од небото. Зашто Божјиот леб е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.“ Тогаш Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб.“ Исус им рече: „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни. Но ви реков: иако Ме видовте - не верувате. Сѐ што Таткото Ми дава ќе дојде при Мене, а оној кој доаѓа при Мене нема да го исфрлам; зашто не слегов од Небото да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме испратил. А ова е волјата на Оној, Кој Ме пратил: да не изгубам ништо од сѐ што Ми дал, туку да го воскреснам во последниот ден. Зашто тоа е волјата на Мојот Татко, секој што ќе Го види Синот и поверува во Него - да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ Тогаш Јудејците роптаа против Него зашто рече: „Јас Сум лебот што слезе од небото“, и зборуваа: „Не е ли овој Исус, синот Јосифов, чии татко и мајка ги познаваме? Како вели сега: ‘Слегов од небото?’ Исус одговори и им рече: „Не роптајте меѓу себе. Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Таткото, Кој ме прати, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Кај пророците е напишано: ‘Сите ќе бидат научени од Бога.’ Секој, кој чул од Таткото и научил, доаѓа при Мене. Не дека некој Го видел Таткото, освен Оној Кој доаѓа од Бога, Тој Го видел Таткото. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене има вечен живот.“ “Јас Сум Лебот на животот. Вашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа. Ова е лебот што слегува од небото, за да не умре оној, кој јаде од него. Јас Сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб ќе живее довека; а лебот, што ќе го дадам, Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“