Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 6:25-51

Јован 6:25-51 MNT

Кога луѓето Го најдоа Исуса, од другата страна на езерото, Го прашаа: „Раби, кога пристигна овде?“ Исус им одговори: „Вистина е дека вие не Ме барате затоа што ги разбравте Моите чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте! Престанете да се грижите само за храната што се расипува! Погрижете се за храната што дава вечен живот, која ќе ви ја дадам Јас, Синот Човечки, затоа што, Бог, небесниот Татко, Ми го даде тоа право!“ „Што треба да правиме, за да го исполниме она што Бог го бара од нас?“ - го прашаа тие. Исус им одговори: „Бог бара од вас да верувате во Оној што Тој Го прати.“ Тогаш тие Му рекоа: „Какво чудо ќе направиш, за да видиме, па да Ти поверуваме? Што ќе направиш? Нашите предци јадеа мана во пустината, како што стои запишано: ,Бог им даде да јадат леб од небото‘.“ Исус, пак, им одговори: „Ве уверувам дека не беше Мојсеј тој што ви даде леб од небото, туку Мојот Татко. И сега Мојот Татко ви го нуди вистинскиот Леб од небото. Зашто, Лебот што ви го дава Бог е Оној што слезе од небото, за да му даде живот на светот.“ „Господине“, - му рече народот - „давај ни го тој леб секогаш!“ Исус им рече: „Јас сум животодавниот Леб! Оној што доаѓа кај Мене никогаш нема да огладни и оној што верува во Мене никогаш нема да ожедни. Но ви реков дека, иако Ме видовте, сепак не верувате во Мене. Секој што Ми е даден од Татко Ми, ќе дојде кај Мене, а Јас нема да одбијам ниту еден од оние што доаѓаат кај Мене. Јас не слегов од небото за да ја вршам Својата волја, туку да ја вршам волјата на Бог, Кој Ме прати. А волјата на Бог, Кој Ме прати е да не изгубам ниту еден од оние што Тој ми ги даде, туку на крајот сите да ги воскреснам за вечен живот. Волјата на Мојот небесен Татко е: секој што го гледа Синот и верува во Него, да има вечен живот и на крајот Јас да го воскреснам.“ Тогаш Евреите почнаа незадоволно да мрморат против Исус, затоа што рече: „Јас сум Лебот што слезе од небото!“ Говореа: „Зар Овој не е Исус, синот на Јосиф, и зар не ги познаваме татко Му и мајка Му!? Како може да вели дека Тој слегол од небото!?“ Исус им одговори: „Не мрморете помеѓу себе! Никој не може да дојде кај Мене, ако небесниот Татко, Кој Ме прати, не го привлече; а на крајот, Јас ќе го воскреснам за вечен живот! Во пророчките книги на Светото Писмо стои запишано: ,Бог ќе ги научи сите‘. Секој што Го слуша небесниот Татко и учи од Него, доаѓа кај Мене. Тоа не значи дека некој Го видел Бог, освен Оној Кој потекнува од Бога. Само Тој го видел Таткото. Ве уверувам дека оној што верува во Мене, веќе има вечен живот. Јас сум животодавниот Леб. Вашите предци јадеа мана во пустината, но потоа умреа. Еве Го Лебот што слегува од небото, за секој да може да јаде од Него и да не умре. Јас сум животодавниот Леб Кој слезе од небото! Кој се храни од овој Леб - ќе живее вечно! А Лебот што Јас ќе го дадам за животот на светот е Моето тело.“