И штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде овде?“ А Исус им одговори и рече: „Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте. Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот.“ А тие Му рекоа: „Што да правиме за да извршуваме Божји дела?“ Исус им одговори и рече: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној Кого Го испрати Тој.“ А тие Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да поверуваме? Што ќе направиш? Татковците наши јадеа мана во пустината, како што е напишано: ‚Леб од небото им даде да јадат.‘“ Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не ви даде Мојсеј леб од небото, туку Мојот Отец ви дава вистински леб од небото. Зашто лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.“ Тогаш тие Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб!“ А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; кој доаѓа кај Мене, нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни. Но ви реков: вие и Ме видовте и пак не верувате. Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде кај Мене; а кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор; зашто Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден. Волјата на Оној што Ме прати е: секој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, а Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“ Се разгневија против Него Јудејците, зашто рече: „Јас сум лебот што слезе од небото“, и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познававме? Како тогаш Тој вели: ‚Слегов од небото.‘“ Им одговори Исус и рече: „Не мрморете меѓу себе. Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа кај Мене. Но тоа не значи дека некој Го видел Бога, освен Оној Кој е од Бога; само Тој го видел Отецот. Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има вечен живот. Јас сум лебот на животот. Татковците ваши јадеа мана во пустината и умреа; а ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“