Јован 19:1-16
Јован 19:1-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш Пилат нареди Исус да биде камшикуван. Војниците исплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Му облекоа пурпурна наметка. Потоа одеа околу Него и викаа: „Здраво, царе на Евреите!“ и Го удираа со тупаници. Пилат повторно излезе надвор, па им рече на Евреите: „Еве, ќе ви Го изнесам надвор, но да знаете дека не најдов никаква вина кај Него!“ Тогаш Го изведоа Исуса со трнов венец на главата и со пурпурната наметка. Пилат им рече: „Еве Го човекот!“ Кога Го видоа свештеничките поглавари и гардистите на храмот почнаа да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат им рече: „Земете Го, и самите распнете Го, зашто јас не најдов никаква вина кај Него!“ Евреите му одговорија: „Тој тврдеше дека е Божјиот Син! Според нашиот верски Закон Тој мора да биде осуден на смрт!“ Кога го слушна тоа, Пилат уште повеќе се исплаши, па влезе повторно во палатата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му одговори. „Зар одбиваш да зборуваш со мене!?“ - му рече тогаш Пилат. „Зар не знаеш дека јас имам власт да те пуштам или да те распнам!?“ Исус му одговори: „Да не ти беше дадена од Бога, ти немаше да имаш никаква власт над Мене. Затоа, оној што Ме предаде е виновен за поголем грев.“ Кога го слушна ова, Пилат сакаше да Го ослободи, но Евреите упорно викаа: „Ако го пуштиш овој човек - не си му пријател на римскиот цар! Секој што себеси се прогласува за цар, се бунтува против римскиот цар!“ Кога Пилат го слушна тоа, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот престол, на местото наречено Плочник (на хебрејски: Габата). Беше околу пладне, ден пред празникот Пасха. Тогаш тие се развикаа: „Убиј го! Убиј го! Распни го!“ Пилат им рече: „Зар вашиот цар да Го распнам!?“ “Ние немаме друг цар освен римскиот цар!“ - му одговорија свештеничките поглавари. Тогаш Пилат им Го предаде, за да Го распнат. Тие Го одведоа Исуса.
Јован 19:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го бичуваше. А војни-ците исплетоа венец од трња, Му го ставија на главата и Го наметнаа со пурпурна облека, и се приближија до Него и велеа: „Здраво, Јудејски Цару!“ И Му удираа плесници. Потоа Пилат излезе пак и им рече: „Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него.“ А Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и облека. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!“ Но, кога првосвештениците и нивните слу-жбеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.“ Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.“ А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му одговори. Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам? Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.“ Отто-гаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!“ Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на евреј-ски Гавата. А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“ Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!“ Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?“ Првосвештениците одго-ворија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!“ Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса.
Јован 19:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Пилат Го зеде Исус и Го предаде да го камшикуваат. Војниците сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница, и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Го удираа по образите. Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.“ Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“ А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина.“ Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.“ Кога го чу Пилат овој збор, уште повеќе се исплаши. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор. Пилат Му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам!?“ Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“ Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на цезарот. Секој што се прави цар, противник му е на цезарот.“ Штом го чу овој збор, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Литостротон, а по еврејски Гавата. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“ Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?“ Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен цезарот.“ И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа.