Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 19:1-16

Јован 19:1-16 MNT

Тогаш Пилат нареди Исус да биде камшикуван. Војниците исплетоа венец од трње, Му го ставија на главата и Му облекоа пурпурна наметка. Потоа одеа околу Него и викаа: „Здраво, царе на Евреите!“ и Го удираа со тупаници. Пилат повторно излезе надвор, па им рече на Евреите: „Еве, ќе ви Го изнесам надвор, но да знаете дека не најдов никаква вина кај Него!“ Тогаш Го изведоа Исуса со трнов венец на главата и со пурпурната наметка. Пилат им рече: „Еве Го човекот!“ Кога Го видоа свештеничките поглавари и гардистите на храмот почнаа да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ Пилат им рече: „Земете Го, и самите распнете Го, зашто јас не најдов никаква вина кај Него!“ Евреите му одговорија: „Тој тврдеше дека е Божјиот Син! Според нашиот верски Закон Тој мора да биде осуден на смрт!“ Кога го слушна тоа, Пилат уште повеќе се исплаши, па влезе повторно во палатата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му одговори. „Зар одбиваш да зборуваш со мене!?“ - му рече тогаш Пилат. „Зар не знаеш дека јас имам власт да те пуштам или да те распнам!?“ Исус му одговори: „Да не ти беше дадена од Бога, ти немаше да имаш никаква власт над Мене. Затоа, оној што Ме предаде е виновен за поголем грев.“ Кога го слушна ова, Пилат сакаше да Го ослободи, но Евреите упорно викаа: „Ако го пуштиш овој човек - не си му пријател на римскиот цар! Секој што себеси се прогласува за цар, се бунтува против римскиот цар!“ Кога Пилат го слушна тоа, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот престол, на местото наречено Плочник (на хебрејски: Габата). Беше околу пладне, ден пред празникот Пасха. Тогаш тие се развикаа: „Убиј го! Убиј го! Распни го!“ Пилат им рече: „Зар вашиот цар да Го распнам!?“ “Ние немаме друг цар освен римскиот цар!“ - му одговорија свештеничките поглавари. Тогаш Пилат им Го предаде, за да Го распнат. Тие Го одведоа Исуса.