Јован 16:7-15
Јован 16:7-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Сепак, Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас, Јас да си отидам; зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го испратам. А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд. За грев - зашто не веруваат во Мене; за правда - зашто си одам при Мојот Татко, и веќе нема да Ме видите; за суд - зашто е осуден кнезот на овој свет. Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува Сам од Себе, а ќе зборува она што слуша, и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат. Тој ќе Ме про-слави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви јави. Сѐ што има Таткото - Мое е; затоа реков дека ќе земе од Моето и ќе ви јави.“
Јован 16:7-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Но јас ви ја кажувам вистината: во ваша полза е Јас да заминам, зашто додека не заминам, Помошникот, Светиот Дух, нема да дојде кај вас. А штом Јас ќе заминам, ќе ви Го испратам. Кога Светиот Дух ќе дојде, ќе му ја објави на светот вистината за гревот, за Божјата правда и за Судот. Нивниот грев е во тоа што не веруваат во Мене. Тие не ја согледаа Божјата правда, зашто Јас заминувам кај Таткото и повеќе нема да Ме гледате. Тие не ја сфатија вистината за Судот, зашто кнезот на овој свет е веќе осуден. Уште многу имам да ви зборувам, но сега не сте во состојба да поднесете. Кога ќе дојде Духот на вистината, Тој ќе ве води во целосната вистина, зашто Тој нема да зборува Сам од Себе, туку ќе го зборува тоа што од Мене ќе го чуе, и ќе ви ја открие иднината. Светиот Дух ќе Ме прослави Мене со тоа што ќе ви ја пренесе Мојата порака. Се што има Таткото е Мое. Затоа ви реков дека Духот ќе ја земе пораката од Мене и ќе ви ја пренесе вам.“
Јован 16:7-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд: за грев – дека не веруваат во Мене; за правда – оти Јас си одам кај Својот Отец, и веќе нема да Ме видите; а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ви ја најави иднината. Тој Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави. Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.“