Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 4:1-10

Јаков 4:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Од каде произлегуваат судирите и кавгите меѓу вас? Зарем не произлегуваат од вашите необуздани страсти што постојано војуваат во вашите тела? Го посакувате тоа што го немате и ќе направите се за да го добиете! Подготвени сте дури и да убиете! Ќе пукнете од завист. Се карате, се расправате и пак не го добивате, бидејќи не го барате од Бог. А и кога барате - не добивате, бидејќи барате со грешни мотиви, за да ги задоволите вашите необуздани страсти. Тоа е прељубодејство спрема Бог! Зар не знаете дека пријателството со овој свет значи непријателство со Бог!? Секој што ќе одбере да му биде пријател на овој свет, Му станува непријател на Бог. Зарем мислите дека Писмото попусто кажува дека духот што Бог го поставил да живее во нас до ревност копнее за нашата верност спрема Него? Всушност, Бог е многу поблагонаклонет спрема нас, како што и кажува Светото Писмо: “Бог им се противставува на гордите, но спрема скромните е благонаклонет.“ Затоа, дозволете Бог да ве води. Противставете му се на Ѓаволот, па тој ќе побегне од вас! Приближете се кон Бог и Тој ќе се приближи кон вас! Грешните луѓе нека си ги измијат рацете, лицемерните нека си ги пречистат срцата. Нека жалат, нека тагуваат и нека плачат. Наместо да се смеат, нека тагуваат, наместо да се радуваат, нека жалат. Бидете понизни пред Господ и Тој ќе ве воздигне!

Јаков 4:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите похоти, кои се борат во органите ваши? Пожелувате и немате; убивате и за­видувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не се молите. Просите, а не добивате, зашто зло барате, за да го трошите во вашите по­хоти. Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли дека пријателството со овој свет е непријателство на Бога? Зашто, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога. Или, пак, мислите дека Писмото напразно зборува: „Со ревност го љуби духот што го вселил во нас.“ Но Тој дава поголема благодат; за­тоа е речено: „Бог се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“ Па затоа, покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани! Бидете нажалени и плачете и липај­те: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага! Понизете се пред Господ и ќе ве по­дигне!

Јаков 4:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Од каде се војните и од каде се борбите меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите страсни желби, што се борат во вашите членови? Сакате и немате, убивате и завидувате, и не можете да постигнете; се борите и војувате. Немате, зашто не молите. Барате, но не добивате, зашто барате погрешно, за да го трошите во вашите страсни желби. Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство против Бога? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бога. Или, мислите ли дека Писмото вели напразно: „До ревност го љуби духот, кој живее во нас?“ Но дава поголема благодат. Затоа вели: „Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат.“ И така, покорете Му се на Бога; а противите се на ѓаволот и ќе побегне од вас. Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; Исчистете ги рацете, грешници, и очистете ги срцата, луѓе со разделена душа! Бидете нажалени, тагувајте, и заплачете: вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост! Бидете понизни пред Господа, и Тој ќе ве возвиши!