Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 6:1-13

Исаија 6:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во годината кога умре цар Озија, јас Го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат, а полите на облеката Негова го исполнија целиот храм. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две дру­ги ги криеше нозете свои, а со две ле­таше. И викаа еден кон друг и велеа: „Свет, свет, свет е Господ Саваот! Це­лата земја е полна со Неговата слава!“ И се разниша горништето на вра­тите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим. И реков: „Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот, Господ Саваот!“ Тогаш долета до мене еден од сера­фимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жрт­веникот, се допре до устата моја и ми рече: „Ете, тоа се допре до устата твоја – и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти.“ И го чув гласот на Господ, Кој рече: „Кого да испратам и кој ќе отиде за нас?“ А јас реков: „Еве ме мене, испра­ти ме мене!“ Тогаш Тој рече: „Оди и кажи му на тој народ: ‚со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – и нема да видите.‘ Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разбе­рат, та да се обратат да ги излекувам.“ И реков: „До кога, Господи?“ Тој рече: „Додека запустат градовите и останат без жители, и куќите без луѓе, земјата сосема не се запусти, додека Господ не ги протера луѓето и голема пустош во таа земја да има. И ако остане уште десеттиот дел во неа, и таа пак ќе биде разорена; но како од брест и даб, кога се и отсе­чени, останува коренот нивни, така светото семе ќе биде нејзин корен.“

Исаија 6:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во онаа година кога умре царот Озиј, Го видов Господа како седи на висок и возвишен престол. Скутовите на Неговата плаштеница го исполнуваа Храмот. Над Него стоеја серафимите; секој имаше по шест крила: две крила за да го засолне лицето, две крила за нозете, а со две крила леташе. И си велеа еден на друг: „Свет! Свет! Свет е Господ над Воинствата! Сета земја е полна со Неговата слава!“ Од грмливите гласови на оние кои воскликнуваа се стресоа довратниците на праговите, а Домот се исполни со дим. Реков: „Тешко мене, пропаднав, зашто сум човек со нечисти усни, живеам во народ со нечисти усни, а моите очи Го видоа Царот, Господ над Војските!“ Еден од серафимите долета кон мене: во рацете имаше жар што го зеде со клешти од жртвеникот; се допре со неа до мојата уста и рече: „Еве, ги допре твоите усни, вината ти е симната и гревот очистен.“ Тогаш го чув Господовиот глас: „Кого да испратам? И кој ќе ја однесе нашата порака?“ Јас реков: „Еве ме, испрати ме мене!“ Тој одговори: „Отиди и речи му на тој народ: ‘Со уши ќе слушате, но нема да разбирате, и со очите ќе гледате, но нема да видите.’ „Закорави му го срцето на овој народ, заглуши му ги ушите, заслепи му ги очите, да не гледа со очите, да не слуша со ушите и да не разбира со срцето, и да не се обрати и да не се излекува.“ Јас реков: „До кога, о Господи?“ Тој ми одговори: „Додека не запустат градовите и не останат без жители, додека куќите не бидат без никој жив, и додека земјата не стане пустина, додека Господ не ги протера луѓето далеку. Тешко истребување ќе ја погоди земјата, и ако остане во неа уште една десетина, и таа ќе биде сотрена како даб кога ќе го пресечат до пенушката. Нивната пенушка ќе биде свето семе.“