Во годината кога умре цар Озија, јас Го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат, а полите на облеката Негова го исполнија целиот храм. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе. И викаа еден кон друг и велеа: „Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!“ И се разниша горништето на вратите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим. И реков: „Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот, Господ Саваот!“ Тогаш долета до мене еден од серафимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жртвеникот, се допре до устата моја и ми рече: „Ете, тоа се допре до устата твоја – и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти.“ И го чув гласот на Господ, Кој рече: „Кого да испратам и кој ќе отиде за нас?“ А јас реков: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ Тогаш Тој рече: „Оди и кажи му на тој народ: ‚со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – и нема да видите.‘ Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обратат да ги излекувам.“ И реков: „До кога, Господи?“ Тој рече: „Додека запустат градовите и останат без жители, и куќите без луѓе, земјата сосема не се запусти, додека Господ не ги протера луѓето и голема пустош во таа земја да има. И ако остане уште десеттиот дел во неа, и таа пак ќе биде разорена; но како од брест и даб, кога се и отсечени, останува коренот нивни, така светото семе ќе биде нејзин корен.“