Исаија 35:1-10
Исаија 35:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин; прекрасно ќе цути и ќе се радува, ќе ликува и ќе се весели; славата на Ливан ќе му се даде, великолепието – на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господ, величината на нашиот Бог. Закрепнете ослабени раце и зајакнете колена што треперите; кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се: ете, вашиот Бог иде со одмазда, со отплата Божја: Тој ќе дојде и ќе ве спаси. Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустината, и потоци – во степите. И горливиот песок ќе се претвори во езеро, а жедната земја – во водни извори; живеалиштето на чакалите, каде што тие се одмараат – ќе стане место за трска и рогозина. И таму ќе има друм, и патот по него ќе се нарече Свет Пат; нечистиот нема да оди по него; тој ќе биде само за светите; оние што одат по тој пат, дури и неискусните – нема да се загубат. Лав нема да има таму, и лута ѕверка нема да се качува по него; тие нема да се најдат таму, само откупените ќе одат таму. Ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат.
Исаија 35:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот. Нека цвета бујно со цвет, да, нека воскликнува од веселба и нека се радува. Ѝ е дадена славата на Ливан, и убавината на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат Господовата Слава, величието на нашиот Бог. Закрепете ги изнемоштените раце, зацврстете ги ослабените колена! Речете им на исплашените срца: „Бидете силни, не бојте се! Еве Го вашиот Бог, одмаздата доаѓа, Божјата плата, Тој Самиот брза да нѐ спаси!“ Очите на слепците ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат, тогаш хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува. Зашто во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци, изгорената земја ќе стане езеро, а жедната почва - извори. Во дувлата во кои лежеа чакалите, ќе никне рогузина и трска. Таму ќе има друм и пат, а ќе се нарече свет пат; нечистиот не ќе помине по него, но ќе биде за оној, кој оди по тој пат, дури и глупавите не ќе скитаат по него. Таму не ќе има лав, ниту ѕвер ќе поминува таму, туку ќе одат само искупените, ќе се враќаат искупениците Господови. Ќе дојдат во Сион воскликнувајќи од радост, со вечна веселба на челата; радоста и веселбата ќе ги придружуваат, ќе ги победат тагата и воздишките.