Ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин; прекрасно ќе цути и ќе се радува, ќе ликува и ќе се весели; славата на Ливан ќе му се даде, великолепието – на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господ, величината на нашиот Бог. Закрепнете ослабени раце и зајакнете колена што треперите; кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се: ете, вашиот Бог иде со одмазда, со отплата Божја: Тој ќе дојде и ќе ве спаси. Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустината, и потоци – во степите. И горливиот песок ќе се претвори во езеро, а жедната земја – во водни извори; живеалиштето на чакалите, каде што тие се одмараат – ќе стане место за трска и рогозина. И таму ќе има друм, и патот по него ќе се нарече Свет Пат; нечистиот нема да оди по него; тој ќе биде само за светите; оние што одат по тој пат, дури и неискусните – нема да се загубат. Лав нема да има таму, и лута ѕверка нема да се качува по него; тие нема да се најдат таму, само откупените ќе одат таму. Ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат.
Прочитај Исаија 35
Сподели
Спореди ги сите верзии: Исаија 35:1-10
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа