Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Осија 8:1-14

Осија 8:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Стави ја трубата на уста! Непријателите како орли го напаѓаат Домот Господов, зашто тие го нарушија заветот Мој и го престапија законот Мој. Иако викаат кон Мене: „Боже мој, ние Те познаваме; ние сме Израел.“ Израел го отфрли доброто; затоа непријател ќе го гони. Си поставуваа цареви свои, без Мене; си избираа кнезови, пак без Мене; од среброто свое и од златото свое направија идоли: тоа им е за погибел. Го мразам телето твое, Самаријо; се распали гневот Мој против нив; до кога ли не ќе можат да се исчистат оние што се во Израел? И него уметник го направил, тоа не е бог; затоа ќе биде скршено на пар­чиња телето твое, Самаријо! Бидејќи сееја ветар, бура ќе пож­неат; житото нема да им 'рти, нема да даде брашно; ако, пак, и даде, туѓинци ќе го изедат. Проголтан е Израел; меѓу народите сега е како скршен сад. Тие скитаат осамени како диви ма­гариња; Ефрем со подароци ја купуваше благонаклоноста на другите. Па, иако праќаше дарови на народите, наскоро Јас ќе ги соберам, и тие ќе почнат да страдаат од царот и кнезовите; иако Ефрем изгради многу жртве­ници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници. Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи. Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господ тие не Му се угодни; сега Тој ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; ќе ги врати во Египет. Израел го заборави Создателот свој, за себе си изгради дворци, а и Јуда изгради многу утврдени градови; но Јас ќе испратам оган врз градовите негови – и тој ќе му ги проголта дворците негови.

Осија 8:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Трубата на уста, како стражарот на Господовиот Дом; зашто тие го престапија Мојот Завет, го престапија Мојот Закон. Ми викаат Мене: „Те познаваме, Боже Израелев.“ Ама Израел го отфрли доброто, непријателот ќе го гони. Поставуваа цареви без Мене, бираа кнезови без Мое знаење. Од своето сребро и злато си направија лажни богови, за да бидат уништени. Го отфрлив твоето теле, Самаријо, Мојот гнев се распламте против нив. До кога ќе останат нечисти Израелевите синови? Некој уметник го направи, и тоа не е Бог. Самариското теле ќе се претвори во делови. Посеаја ветер, и ќе пожнеат бура; житото не ќе им из’ртее, не ќе даде брашно; и ако даде, ќе го изедат туѓинци. Израел е проголтан, еве го меѓу народите како нескапоцена посатка; зашто отидоа кај Асирецот, кај дивото осле што живее само! Ефрем ги дарува љубовниците. Само нека ги дарува, сега ќе ги распрснам меѓу народите: и наскоро ќе се растреперат под товарот на царот на кнезовите. Ефрем ги умножи жртвениците, тие му послужија за грев. Да му напишам и илјади Свои закони тие ќе ги сметаат за туѓи. Нека ги жртвуваат закланиците што Ми ги принесуваат, нека јадат месо! На Господа не Му се угодни. Отсега ќе ги спомнува нивните беззаконија и ќе ги казнува нивните гревови: тие ќе се вратат во Египет. Израел го заборави својот Творец и си изгради дворци; Јуда ги умножи цврстите градови. Ќе пуштам оган врз нивните градови; огнот ќе му ги голтне дворците.