Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Осија 8:1-14

Осија 8:1-14 MK2006

Стави ја трубата на уста! Непријателите како орли го напаѓаат Домот Господов, зашто тие го нарушија заветот Мој и го престапија законот Мој. Иако викаат кон Мене: „Боже мој, ние Те познаваме; ние сме Израел.“ Израел го отфрли доброто; затоа непријател ќе го гони. Си поставуваа цареви свои, без Мене; си избираа кнезови, пак без Мене; од среброто свое и од златото свое направија идоли: тоа им е за погибел. Го мразам телето твое, Самаријо; се распали гневот Мој против нив; до кога ли не ќе можат да се исчистат оние што се во Израел? И него уметник го направил, тоа не е бог; затоа ќе биде скршено на пар­чиња телето твое, Самаријо! Бидејќи сееја ветар, бура ќе пож­неат; житото нема да им 'рти, нема да даде брашно; ако, пак, и даде, туѓинци ќе го изедат. Проголтан е Израел; меѓу народите сега е како скршен сад. Тие скитаат осамени како диви ма­гариња; Ефрем со подароци ја купуваше благонаклоноста на другите. Па, иако праќаше дарови на народите, наскоро Јас ќе ги соберам, и тие ќе почнат да страдаат од царот и кнезовите; иако Ефрем изгради многу жртве­ници за грев – за грев и му послужија тие исти жртвеници. Му напишав важни закони, но тој ги сметаше за туѓи. Во жртвените приноси Мене Ми принесуваат месо и го јадат; на Господ тие не Му се угодни; сега Тој ќе се присети за нивното бесчестие и ќе ги казни за гревовите нивни; ќе ги врати во Египет. Израел го заборави Создателот свој, за себе си изгради дворци, а и Јуда изгради многу утврдени градови; но Јас ќе испратам оган врз градовите негови – и тој ќе му ги проголта дворците негови.