Евреите 13:1-19
Евреите 13:1-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Одржувајте го братољубието меѓу вас. Не пропуштајте да бидете гостољубиви, зашто некои луѓе така имаат угостено ангели, без да го знаат тоа. Сеќавајте се на затворените, како да сте со нив во окови, не заборавајте ги страдалниците, како да сте и вие дел од нивното тело. Бракот треба да се почитува од сите. Мажот и жената да ја чуваат својата интимност без неверства, зашто на блудниците и прељубниците ќе им суди Бог! Во вашите постапки не бидете алчни за пари. Бидете задоволни со тоа што го имате. Господ ни ветува: „Нема да ве оставам, нема да ве напуштам!“ Затоа храбро можеме да кажеме: „Јас не страхувам, зашто Господ е со мене; што може да ми направи човекот?“ Повик на следење добар пример Помнете ги вашите старешини кои први ви ја проповедаа Божјата порака. Видете го резултатот од нивниот начин на живеење и земете ја за пример нивната вера! Исус Христос не се менува: Тој е истиот, вчера, денес и засекогаш! Не дозволувајте да ве заведат со некои чудни учења. Внатрешната сила се добива преку Божјата дарежлива благонаклоност, а не преку држење обичаи за храна; оние што се држеа до овие обичаи, немаа никаква полза од тоа. А ние имаме жртвеник од кој дури ни свештениците што служат во Храмот немаат право да јадат! Првосвештеникот ја внесува крвта од жртвуваните животни во Најсветото место на Храмот, како принос за гревовите. Но телата на животните се палат надвор од Храмот. Затоа и Исус беше погубен надвор од градските порти, за да го исчисти Својот народ од гревови, преку Својата пролеана крв. Така ние сега треба „да излеземе од тој Храм“ и да пристапиме кон Исус, станувајќи така соучесници во срамот на којшто Тој беше изложен. Зашто ние овде на Земјава немаме град во кој вечно ќе живееме, туку го очекуваме во иднина. Нашата постојана жртва е, со помошта на Исус, да Му принесуваме слава на Бог со своите усни, кои ќе Го величаат и прославуваат Неговото име. Не заборавајте да им помагате на другите и да ги делите своите добра со нив, зашто и тоа се богоугодни жртви. Слушајте ги вашите духовни водачи и потчинувајте им се. Тие бдеат над вашите души и за тоа се одговорни пред Бог. Овозможете им тоа да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа нема да биде во ваш интерес. Молете се за нас! Ние сме уверени дека имаме чиста совест, бидејќи секогаш се трудиме во се да се однесуваме како што прилега. Посебно сакам да се молите наскоро да можам повторно да ве посетам.
Евреите 13:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Взаемната љубов нека пребива меѓу вас! Гостољубивоста не запоставувајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели. Помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, зашто и самите сте во тело. Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се пази неосквернето; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог. Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она што го имате. Зашто Тој рекол: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“; така што слободно да велиме: „Господ ми е помошник, и нема да се плашам; што може да ми направи човек?“ Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна. Исус Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови. Не бидете завлечени од разни туѓи учења; зашто е добро со благодат да се поткрепува срцето, а не со уредби за јадења, од кои немаа никаква полза оние што ги применуваа. Ние имаме жртвеник од кого немаат право да јадат оние што ѝ служат на скинијата, бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во светилиштето за очистување на гревовите, се изгоруваат надвор од живеалиштето. Затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти. И така, да Му пристапуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга, бидејќи овде немаме постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде. Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните што го прославуваат името Негово. А добродетелството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога. Покорувајте им се на учителите ваши и бидете им послушни, зашто тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, – та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас. Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, грижејќи се во сѐ добро да постапуваме. Уште повеќе ве молам да го вршите ова, та поскоро да се вратам меѓу вас.
Евреите 13:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Братољубието нека остане! Не го заборавајте гостољубието, зашто некои преку него, без да знаат, примија ангели на гости! Помнете ги затворениците, како да сте оковани со нив; и оние кои страдаат, зашто и самите сте во тело! Сите да го почитуваат бракот, и брачното легло чисто, зашто Бог ќе им суди на блудниците и прељубниците. Нека вашето однесување биде слободно од среброљубие. Бидете задоволни со она, што го имате, зашто Тој рече: „Никогаш нема да те напуштам, ниту ќе те оставам!“ Затоа можеме смело да речеме: „Господ ми е помошник, нема да се плашам, што може да ми направи човек?“ Помнете ги своите водачи, кои ви го говореа Божјото слово; гледајте на крајот на нивниот начин на живеење, Подражавајте ја нивната вера! Исус Христос е ист вчера, и денес, и довека. Не дозволувајте да ве заведат со разни и туѓи науки, зашто е добро срцето да биде зацврстувано во благодат, а не со јадења, од кои немаа полза оние, кои живееја преку нив! Ние имаме жртвеник, од кого немаат право да јадат служителите на Шаторот Бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Светилиштето за гревовите, се изгоруваат надвор од станот, затоа и Исус, за да го освети народот преку Својата крв, пострада надвор од градската порта. И така, да појдеме кон Него, надвор од станот, носејќи ја Неговата мака, зашто тука немаме траен град, туку го бараме идниот. И така, преку Него да Му принесуваме постојано на Бога пофална жртва, односно: плод на усните, кои го исповедуваат Неговото име. А не заборавајте ги: добротворството и делењето со другите, зашто со такви жртви Му се угодува на Бога! Бидете им послушни на вашите водачи и покорувајте им се, зашто тие бдеат над вашите души како оние, кои ќе одговараат за тоа; за да го прават тоа со радост, а не со воздишки, зашто тоа не би било полезно за вас. Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, и сакаме да се владееме добро во сѐ. Уште повеќе ве молам да го правите тоа, за да ви бидам поскоро вратен.