Взаемната љубов нека пребива меѓу вас! Гостољубивоста не запоставувајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели. Помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, зашто и самите сте во тело. Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се пази неосквернето; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог. Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она што го имате. Зашто Тој рекол: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“; така што слободно да велиме: „Господ ми е помошник, и нема да се плашам; што може да ми направи човек?“ Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна. Исус Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови. Не бидете завлечени од разни туѓи учења; зашто е добро со благодат да се поткрепува срцето, а не со уредби за јадења, од кои немаа никаква полза оние што ги применуваа. Ние имаме жртвеник од кого немаат право да јадат оние што ѝ служат на скинијата, бидејќи телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во светилиштето за очистување на гревовите, се изгоруваат надвор од живеалиштето. Затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти. И така, да Му пристапуваме надвор од живеалиштето, носејќи ја Неговата поруга, бидејќи овде немаме постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде. Преку Него, пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните што го прославуваат името Негово. А добродетелството и милосрдноста не ги заборавајте, зашто такви жртви Му се благоугодни на Бога. Покорувајте им се на учителите ваши и бидете им послушни, зашто тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, – та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас. Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест, грижејќи се во сѐ добро да постапуваме. Уште повеќе ве молам да го вршите ова, та поскоро да се вратам меѓу вас.