Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 11:23-40

Евреите 11:23-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, зашто видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед. Со вера Мојсеј, кога порасна, се от­кажа да се нарече син на фараоновата ќерка и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади. Страдањето заради Христос го сме­таше за поголемо богатство, отколку ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата. Со вера тој го напушти Египет не плашејќи се од царскиот гнев, зашто ве­руваше во Оној Кој не се гледаше, како да Го гледа. Со вера тој направи Пасха и по­прс­кување со крв, та истребувачот на прво­родените да не се допре до нив. Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, коешто се обидоа и Египќаните да го преминат, но се изда­вија. Преку вера паднаа ѕидовите на Ери­хон, откако беа обиколувани цели седум дена. Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците откако благонаклоно ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат. И што уште да кажам? Зашто не ќе имам доволно време да кажувам за Ге­деон, Варак, Самсон и Јефтај, за Давид и Самоил и другите пророци, кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, зат­во­рија усти на лавови; угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски; жени примија свои умрени воскреснати; други, пак, беа мачени и не прифатија ослободени, за да добијат подоб­ро воскресение; а други поднесоа подигрување и кам­шикување, па дури и окови и зат­вор; со камења беа убивани, со пила се­чени, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам – тие, за кои светот беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пеш­тери и јами во земјата. И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното, зашто Бог предвиде нешто подобро, та тие без нас да не примат совршен­ство.

Евреите 11:23-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Родителите на Мојсеј имаа вера во Бог кога три месеци го криеја. Тие видоа дека детето е убаво и не се плашеа од заповедта на фараонот. Кога Мојсеј порасна, тој имаше вера во Бог и затоа одби да биде прогласен за син на фараоновата ќерка. Тој претпочиташе да страда заедно со Божјиот народ, наместо кусотрајно да ужива во грешните задоволства. Тој сфати дека е повредно да претрпи понижување заради Месијата, отколку да ги добие сите богатства на Египет; затоа, погледот му беше вперен кон идната награда од Бог. Мојсеј имаше вера во Бог кога го напушти Египет и не се исплаши од царскиот гнев. Остана непоколеблив, како да Го гледаше Невидливиот Бог. Тој имаше вера кога ја заповеда Пасхалната вечера и попрскувањето со крв, за да не бидат убиени нивните првороденчиња од страна на ангелот на смртта. Израелскиот народ имаше вера во Бог кога мина преку Црвеното Море како преку сува земја, додека при истиот обид, Египќаните се удавија. Израелците имаа вера во Бог кога седум дена ги обиколуваа ѕидините на Јерихо, додека тие не се урнаа. И блудницата Рахава имаше вера кога ги прибра израелските извидници и затоа не беше погубена заедно со оние што не Му веруваа на Бог. Треба ли уште да кажувам? Не би имал доволно време да расправам и за Гидеон, за Барак, за Самсон, за Јифтах, за Давид, за Самуил и за сите пророци. Тие имаа вера во Бог и преку неа победуваа царства; и бидејќи постапуваа праведно, го добија она што Бог им го вети. Тие и лавовски усти затвораа, пламени јазици згаснуваа, од меч се избавуваа ... Иако беа немоќни, добиваа сила и моќ пред кои бегаа непријателските војски. Некои жени доживеаја да им воскреснат починатите. Многу од нив беа мачени, одбивајќи да се откажат од верата во Бог и да бидат ослободени, зашто беа уверени дека ќе им биде подобро со воскреснатите. Други беа исмејувани, тепани и во окови затворани. Некои беа до смрт каменувани или со пили пресекувани или со меч погубувани. Некои од нив имаа само кожувчиња од овча или јарешка кожа и беа принудени да живеат како да се скитници. Беа сиромашни, измачени и малтретирани. Светот не ги заслужуваше овие добри луѓе, кои беа принудени да живеат во пустини, во шуми, во пештери и во јами. Сите овие луѓе, благодарение на верата во Бога што ја имаа, станаа пример за пофалба; па сепак, не доживеаја да го примат она што им беше ветено. Се заради тоа што Бог чуваше нешто подобро за нас и не сакаше тие да стигнат на целта без нас.

Евреите 11:23-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Преку вера Мојсеј, кога се роди, неговите родители го криеја три месеци, зашто видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царевата заповед. Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го наречуваат син на фараоновата ќерка, и со поголема желба сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да се насладува за кратко време на гревот. Зашто хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство од египетските богатства, зашто ја имаше предвид наградата. Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царевиот гнев, зашто издржа како да Го гледа Невидливиот. Преку вера ја прослави Пасхата и изврши попрскување со крв, за да не го допре оној, кој ги сотруваше првородените. Преку вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а Египтјаните - кога се обидоа, се издавија. Преку вера паднаа ерихонските ѕидови, по седумдневното обиколување околу нив. Преку вера блудницата Раава не загина со непокорните, зашто ги прими согледувачите со мир. И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време кога би почнал да раскажувам за Гедеона, Варака, Самсона, Јефтаја, Давида и Самоила, и за пророците, кои преку вера победија царства, извршија правда, добија ветувања, затворија уста на лавови, ја угаснаа огнената сила, ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни во бој, ги натераа во бегство туѓите војски. Жени примија свои воскреснати мртви, а други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение. Други доживеаја подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница. Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчи кожи и во козји кожи; во оскуднот, во неволји, во лоши постапувања, оние за кои светот не беше достоен: скитаа по пустините, и по горите, и по пештерите, и по земните јами. И сите тие, иако се посведочени преку верата, не го примија ветувањето, зашто Бог предвиде нешто подобро за нас: тие да не дојдат до совршенството без нас.