Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 11

11
1Што е вера? Тоа е сигурност дека она на што се надеваме навистина и ќе се случи. Вера е увереност во нешто што не си го видел.
2Бог со одобрување гледаше на нашите предци токму поради нивната вера.
3Преку вера разбираме дека целата вселена била создадена преку Божјиот Збор, така што се што е видливо настанало од она што било невидливо.
4Авел имаше вера во Бог и затоа неговата жртва беше подобра од онаа на Каин. Бог ја прифати неговата жртва и со тоа покажа дека Авел е праведен. Иако Авел е веќе одамна мртов, неговата вера продолжува да зборува.
5Енох имаше вера во Бог и затоа не доживеа смрт: „одеднаш тој исчезна, бидејќи Бог го зеде“. Но пред Бог да го земе, Енох доби уверување дека му беше угоден на Бог.
6А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог. Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат.
7Ное имаше вера во Бог и затоа Тој го предупреди за она што се уште не се беше случило. Тој со побожна почит изгради ковчег за да го спаси своето семејство. На тој начин, светот беше осуден, а Ное поради својата вера беше оправдан во Божјите очи.
8Авраам имаше вера и затоа кога Бог го повика да замине од својата татковина во земјата која му беше ветена како наследство, тој Го послуша. Авраам тргна, иако не знаеше каде оди.
9Преку вера тој се досели во земјата која Бог му ја вети и живееше во шатори како туѓинец. Така живееја и Исак и Јаков, на кои Бог им го даде истото ветување.
10Авраам постапи така, зашто тој очекуваше град со вечни темели, чиј архитект и градител е Бог.
11И Сара имаше вера и затоа доби способност да зачне, иако беше неротка и во поодминати години. Таа Му веруваше на Оној што и беше ветил.
12Иако Авраам беше близу до умирачка, од овој единствен човек произлегоа толку потомци, колку што има ѕвезди на небото и неброени зрнца песок на морскиот брег.
13Сите овие луѓе се сега умрени, но тие имаа вера, иако не го дочекаа она што им беше ветено, туку само оддалеку го видоа и го поздравија, истовремено признавајќи дека се само странци и привремени жители на Земјата.
14А луѓе што така зборуваат покажуваат дека бараат место што ќе им биде татковина.
15И не сметаа дека тоа е земјата од која произлегоа, зашто да мислеа така ќе најдеа начин таму да се вратат.
16Напротив, тие копнееја за многу подобрата небесна татковина. И затоа Бог не се срами да биде наречен нивни Бог. Тој дури и град им изгради на небото!
17И Авраам имаше вера во Бог и затоа, кога беше ставен на тест, го понуди својот син Исак како жртва. А токму на Авраам, кој беше готов да го жртвува својот син единец, Бог му беше ветил:
18„Од Исак ќе произлезе твоето потомство!“
19Авраам беше уверен дека Бог може и мртви да оживува, па во извесна смисла како да го доби својот син оживеан од мртвите.
20Исак имаше вера во Бог и им вети благослови на Јаков и на Исав дури и за во иднина.
21Јаков имаше вера во Бог и, пред да умре, ги благослови синовите на Јосиф. Потпрен на својот бастун, тој понизно се поклони.
22Јосиф веруваше дека Бог ќе ги изведе Израелците од египетското ропство и, пред да умре, тој порача да му бидат изнесени и коските, кога ќе си заминат од Египет.
23Родителите на Мојсеј имаа вера во Бог кога три месеци го криеја. Тие видоа дека детето е убаво и не се плашеа од заповедта на фараонот.
24Кога Мојсеј порасна, тој имаше вера во Бог и затоа одби да биде прогласен за син на фараоновата ќерка.
25Тој претпочиташе да страда заедно со Божјиот народ, наместо кусотрајно да ужива во грешните задоволства.
26Тој сфати дека е повредно да претрпи понижување заради Месијата, отколку да ги добие сите богатства на Египет; затоа, погледот му беше вперен кон идната награда од Бог.
27Мојсеј имаше вера во Бог кога го напушти Египет и не се исплаши од царскиот гнев. Остана непоколеблив, како да Го гледаше Невидливиот Бог.
28Тој имаше вера кога ја заповеда Пасхалната вечера и попрскувањето со крв, за да не бидат убиени нивните првороденчиња од страна на ангелот на смртта.
29Израелскиот народ имаше вера во Бог кога мина преку Црвеното Море како преку сува земја, додека при истиот обид, Египќаните се удавија.
30Израелците имаа вера во Бог кога седум дена ги обиколуваа ѕидините на Јерихо, додека тие не се урнаа.
31И блудницата Рахава имаше вера кога ги прибра израелските извидници и затоа не беше погубена заедно со оние што не Му веруваа на Бог.
32Треба ли уште да кажувам? Не би имал доволно време да расправам и за Гидеон, за Барак, за Самсон, за Јифтах, за Давид, за Самуил и за сите пророци.
33Тие имаа вера во Бог и преку неа победуваа царства; и бидејќи постапуваа праведно, го добија она што Бог им го вети. Тие и лавовски усти затвораа,
34пламени јазици згаснуваа, од меч се избавуваа ... Иако беа немоќни, добиваа сила и моќ пред кои бегаа непријателските војски.
35Некои жени доживеаја да им воскреснат починатите. Многу од нив беа мачени, одбивајќи да се откажат од верата во Бог и да бидат ослободени, зашто беа уверени дека ќе им биде подобро со воскреснатите.
36Други беа исмејувани, тепани и во окови затворани.
37Некои беа до смрт каменувани или со пили пресекувани или со меч погубувани. Некои од нив имаа само кожувчиња од овча или јарешка кожа и беа принудени да живеат како да се скитници. Беа сиромашни, измачени и малтретирани.
38Светот не ги заслужуваше овие добри луѓе, кои беа принудени да живеат во пустини, во шуми, во пештери и во јами.
39Сите овие луѓе, благодарение на верата во Бога што ја имаа, станаа пример за пофалба; па сепак, не доживеаја да го примат она што им беше ветено.
40Се заради тоа што Бог чуваше нешто подобро за нас и не сакаше тие да стигнат на целта без нас.

Селектирано:

Евреите 11: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се