Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 12

12
1Околу нас има толку многу сведоци! Затоа ние треба да го отфрлиме сето бреме што не задржува на патот, а особено гревот, што толку лесно може да не заведе. Истрајно треба да ја трчаме трката која Бог ни ја определи.
2Погледот треба да ни е вперен во Исус, зашто врз Него се темели нашата вера од почеток до крај. Тој го поднесе срамот кога беше распнат на крст, знаејќи дека Го очекува голема радост и сега седи на почесно место, веднаш до Бог.
3Помислете само низ што се помина Исус и какви навреди од грешниците истрпе! Затоа и вие не потклекнувајте и не дозволувајте да бидете обесхрабрени!
4Зашто, во вашата досегашна борба против гревот, се уште никој од вас не настрадал до смрт!
5Зарем ги заборавивте предупредувачките зборови што ви ги упати Бог како на Свои деца: „Чеда Мои, сфатете ги сериозно Божјите казнувања и не обесхрабрувајте се кога Тој ве укорува, зашто,
6Господ ги казнува оние што ги сака, и ги укорува оние што ги прифатил како Свои чеда.“
7Издржете го строгото воспитување! Бог постапува со вас како со Свои чеда! Кој татко не го дисциплинира своето дете!?
8Ако сте изземени од укорувањата на кои сите деца се подложни, тогаш не сте вистински чеда, туку незаконски деца!
9Па и нашите земни татковци не укоруваа, па сепак ги почитувавме! Тогаш, колку повеќе треба да Му бидеме послушни на нашиот духовен Татко, за да живееме!
10Нашите земни татковци не караа еден кус временски период, како што сметале дека е најдобро. А Бог не кара за наше добро, зашто сака и ние да бидеме свети, како што е и Тој.
11Ниедно укорување не е пријатно; тоа е дури болно во времето кога го примаме. Но подоцна, оние што се одгледани во дисциплина, ќе пожнеат плод на спокојство и праведен живот.
12Затоа, „подигнете ги премалените раце и зацврстете ги треперливите колена!“
13Чекорете по рамниот пат, за да не се онеспособат слабите и сакатите, туку напротив, да оздрават!
14Трудете се да живеете во мир со секого и да живеете свет живот, зашто без светост никој не ќе може да Го види Господа!
15Бидете внимателни, за никој да не ја испушти Божјата милостива благонаклоност. Да не изрти меѓу вас некој горчлив корен кој ќе вознемири и затруе мнозина!
16Будно внимавајте некој да не стане блудник или безбожник, како што беше Исав, кој за еден единствен оброк си го продаде првородството!
17Знаете дека, подоцна, кога тој сакаше да го добие татковиот благослов, беше одбиен. Со ништо веќе не можеше да ја промени својата поранешна постапка, иако со солзи молеше.
18Вие сега не пристапувате кон материјална планина како тогашните Израелци кон Синај, ни кон разгорен оган, ни кон темни облаци, ни кон луња,
19ни кон звук на труба, ниту кон силен глас (Израелците слушнаа таков глас, па молеа другпат да не им зборува!)
20Тие не можеа да ја поднесат заповедта: „Дури и животно ако се допре до планината - да биде погубено со каменување!“
21Целата таа глетка беше толку страшна, што и самиот Мојсеј изјави: „Толку сум исплашен што треперам од страв!“
22Напротив, вие сега дојдовте на гората Сион и во небесниот Ерусалим! Тоа е градот на живиот Бог, полн со свечен собир на неброени ангели.
23Тука се собрани првородените Божји чеда, чии имиња се запишани на небесата. Тука е Бог, Судијата на целиот човечки род. Тука се и душите на праведниците, кои сега се доведени до совршенство.
24Тука е Исус, посредникот на Новиот завет меѓу Бог и луѓето, чија пролеана крв ветува многу подобри нешта од крвта на Авел!
25Значи, внимавајте да не одбиете да Го слушате Бога, Кој ви зборува! Никој од луѓето што не го послушаа Мојсеј, кој овде на Земјата им ја говореше Божјата порака, не се извлече! Колку потешко ќе биде да се извлечеме ние, ако не Го слушаме Оној што ни зборува од небото!
26Тогаш, кога од гората Синај говореше Бог, земјата се тресеше од Неговиот глас; овојпат, Тој ни ветува: „Повторно ќе ја затресам Земјата, а со неа и небото!“
27Зборот „повторно“ недвосмислено значи дека се што е создадено еден ден ќе биде разнишано и однесено. Ќе останат само оние нешта кои не можат да бидат разнишани, а тоа се вечните вредности.
28Затоа, ние треба да бидеме благодарни што ни е дадено Царство кое не е подложно на никаков потрес! Да Му служиме на Бог со благодарност и на богоугоден начин, со страхопочит и чествување,
29зашто нашиот Бог е оган што проголтува!

Селектирано:

Евреите 12: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се