Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕВРЕИТЕ 11

11
Сведоци на делотворна вера
1А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат. 2Зашто преку неа старите добија сведоштво. 3Преку вера разбираме дека вековите се создадени со Божјото слово, така што видливото произлегло од невидливото. 4Преку вера Авел Му принесе на Бога жртва подобра од Каиновата; преку неа прими сведоштво дека е праведен, зашто Бог посведочи за неговите дарови; и преку вера тој уште зборува, иако е умрен. 5Преку вера Енох беше пренесен така, да не ја види смртта, и веќе не се најде, зашто Бог го зеде; зашто, пред неговото земање, тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога. 6А без вера не е можно да Му се угоди, зашто кој Му пристапува на Бога треба да верува дека има Бог и дека ги наградува оние кои Го бараат. 7Преку вера Ное беше известен за она што уште не се гледаше, поттикнат од стравопочитување, приготви ковчег за спасение на својот дом; со неа го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера.
8Преку вера Авраам послуша, кога беше повикан да излезе на местото што требаше да го прими во наследство, и излезе не знаејќи каде оди. 9Преку вера се насели во земјата на ветувањето, како во туѓа и се настани во шаторите заедно со Исака и Јакова, сонаследници на истото ветување, 10зашто бараше град со основи, кому Бог му е Градител и Творец. 11Преку вера и самата Сара доби сила да зачне, во напредната возраст откако Го сметаше за верен Оној, Кој ѝ беше ветил. 12Затоа од еден и тоа речиси мртов, се намножи многу народ „како небесните ѕвезди и како песокта на морскиот брег, што не може да се изброи.“
13Сите овие умреа во вера, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и придојденици на земјата. 14Зашто, кои зборуваат така, покажуваат дека ја бараат родината. 15И ако при тоа мислеле на онаа, од која излегле, имаа време да се вратат; 16но сега, копнеат по подобра, односно по небесната. Затоа Бог не се срами од нив, да се нарече нивни Бог, зашто им приготвил град.
17Преку вера Авраам - кога беше испитуван - го принесе Исака, и тој, кој ги прими ветувањата го принесе својот единороден син. 18Кому му беше речено: „Во Исака ќе биде наречено твоето Семе.“ Тој помислил дека Бог може и од мртвите да воскреснува; 19затоа го прими и како преобраз на воскресението. 20Преку вера Исак ги благослови Јакова и Исава, и во однос на идните нешта. 21Преку вера Јаков, умирајќи, го благослови секој Јосифов син, и Му се поклони на Бог потпирајќи се на врвот од својот стап. 22Преку вера Јосиф на умирање спомна за излезот на Израелевите синови и даде заповед за своите коски.
23Преку вера Мојсеј, кога се роди, неговите родители го криеја три месеци, зашто видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царевата заповед. 24Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го наречуваат син на фараоновата ќерка, 25и со поголема желба сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да се насладува за кратко време на гревот. 26Зашто хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство од египетските богатства, зашто ја имаше предвид наградата. 27Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царевиот гнев, зашто издржа како да Го гледа Невидливиот. 28Преку вера ја прослави Пасхата и изврши попрскување со крв, за да не го допре оној, кој ги сотруваше првородените. 29Преку вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а Египтјаните - кога се обидоа, се издавија. 30Преку вера паднаа ерихонските ѕидови, по седумдневното обиколување околу нив. 31Преку вера блудницата Раава не загина со непокорните, зашто ги прими согледувачите со мир.
32И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време кога би почнал да раскажувам за Гедеона, Варака, Самсона, Јефтаја, Давида и Самоила, и за пророците, 33кои преку вера победија царства, извршија правда, добија ветувања, затворија уста на лавови, 34ја угаснаа огнената сила, ја избегнаа острицата на мечот, немоќни станаа силни; стануваа силни во бој, ги натераа во бегство туѓите војски. 35Жени примија свои воскреснати мртви, а други беа мачени и не се избавија, за да добијат подобро воскресение. 36Други доживеаја подигрувања и удари, а покрај тоа и окови и темница. 37Беа каменувани, со пила резани на две, на искушенија подложувани, умираа од меч, скитаа во овчи кожи и во козји кожи; во оскуднот, во неволји, во лоши постапувања, 38оние за кои светот не беше достоен: скитаа по пустините, и по горите, и по пештерите, и по земните јами. 39И сите тие, иако се посведочени преку верата, не го примија ветувањето, 40зашто Бог предвиде нешто подобро за нас: тие да не дојдат до совршенството без нас.

Селектирано:

ЕВРЕИТЕ 11: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се