Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 10:1-25

Евреите 10:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не суш­тината на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат. Инаку би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не ќе имаат веќе никаква свест за гревовите. Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите, бидејќи не е можно телешката и ја­решката крв да ги однесе гревовите. Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“ Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“ Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“, а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати ед­ни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите; а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат поло­же­ни како подножје за нозете Негови. Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совр­шени. И Светиот Дух ни посведочи, зашто, откако порано рече: „Ова е заветот што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам.“ Тој до­дава: „И за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“ А каде што има проштевање за нив, таму веќе нема приноси за грев. И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат, што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело, имаме Врховен свештеник над до­мот Божји. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очис­тиме срцата од зла совест со попрскува­ње и откако ќе го измиеме телото со чиста вода. И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не изостанувајќи од собранијата ка­ко што некои имаат обичај, туку да се по­учуваме еден друг, и тоа во толку по­веќе, до колку гледате дека се прибли­жува судниот ден.

Евреите 10:1-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Мојсеевиот Закон беше само сенка на она што доаѓа, а не суштина на сите добри нешта што Христос ги направи за нас. Со години Му ги принесуваа на Бог жртвите пропишани со Мојсеевиот Закон, но тие што ги принесуваа не можеа да се исчистат. Ако тие што Му служеа на Бог успееја еднаш засекогаш да се исчистат од гревот, и нивната совест повеќе немаше да ги обвинува, и тогаш принесувањето жртви би престанало. Напротив, тоа што секоја година принесуваа жртви само ги потсетуваше на нивните гревови. Тоа е поради тоа што крвта од бикови и јарци не може да ги исчисти гревовите. Затоа, кога Христос дојде на овој свет, Му рече на Бог: „Ти не посака животински жртви ни приноси од жито, туку Ми даде тело, за да ти се покорувам. Не, Ти не се задоволуваш со жртви паленици и со приноси за грев! Тогаш реков: ,Еве Ме Боже, доаѓам да ја извршам Твојата волја, како што е претскажано за Мене во Светото Писмо.‘“ Значи, Христос прво рече: „Ти, Боже, не посака и не ти беа угодни ни животински жртви ни приноси од жито, ни животни спалени на жртвеник, ни жртви за искупување од грев“, иако според Мојсеевиот Закон тие беа неопходни. Потоа додаде: „Еве, доаѓам да ја извршам Твојата волја.“ Со тоа Христос го укинува првиот Завет, за да воспостави нов. Поради таквата цврста решителност од страна на Христос - Тој да се жртвува за нас еднаш засекогаш - ние сега сме исчистени од гревот. Секој друг свештеник секојдневно врши богослужба и одново принесува жртви што никогаш не можат да исчистат од гревови. А Христос принесе само една жртва, која има вечна вредност, и потоа седна на почесно место, од десната страна на Бог. Таму ќе остане се додека Неговите непријатели не бидат покорени под Неговите стапала. Значи, Тој само со една жртва, вечно ги усоврши оние што ги посвети. За ова ни сведочи и Светиот Дух. Прво вели: „Кога ќе дојде време, со Мојот народ ќе воспоставам ваков Завет: Моите закони ќе ги ставам во нивните срца, па ќе ги разберат, и ќе ги впишам во нивните умови, па ќе им се покоруваат, а нивните гревови и беззаконија нема веќе ни да ги спомнам.“ Штом гревовите се простени, веќе нема потреба од принесување жртви. Повик на верност спрема Новиот завет Според тоа, драги пријатели христијани, ние сега можеме смело да влеземе во Најсветото место. Тоа ни го овозможи жртвата на Исус. Тоа е тој нов пат, пат што дава живот, пат што го проби Христос за нас низ преградната завеса со тоа што во тело Тој умре за нас. Затоа, сега кога имаме Првосвештеник Кој управува со Божјиот Дом, да дојдеме пред Бог со искрени срца и со целосна доверба. Нашата опоганета совест е попрскана со Христовата крв и сега е чиста, нашите тела се измиени со чиста вода. Да се држиме цврсто и без колебање за надежта што велиме дека ја имаме, бидејќи можеме да имаме целосна доверба дека Бог ќе го исполни ветувањето што ни го даде. Да размислуваме како еден со друг да се поттикнуваме на љубов и добри дела. Да не изостануваме од нашите заеднички богослужби, како што некои тоа имаат обичај да го прават, туку напротив, да се охрабруваме едни со други, особено сега кога гледате дека се приближува денот на враќањето на нашиот Господ!

Евреите 10:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто Законот ја има само сенката на идните добра, а не и самата суштина на нештата, и не може секогаш со истите жртви, што се принесуваат секоја година постојано, да ги усоврши оние, кои му пристапуваат. Инаку би престанале да ги принесуваат, зашто не би биле свесни за гревови оние кои служејќи така, еднаш се очистени. Но тие секоја година напомнуваат на гревовите зашто крвта на биковите и јарците не може да ги отстрани гревовите. Затоа, влегувајќи во светот вели: „Жртви и приноси Ти не посака, но ми приготви тело. Сѐпалениците и жртвите за грев не Ти беа угодни.“ Тогаш реков: Еве, доаѓам, во книжен свиток за Мене е напишано, да ја исполнам Твојата волја, О Боже. Додека погоре вели: „Ни жртви, ни приноси, ни паленици, ни жртви за грев не посака; ниту Ти беа угодни“ - тие се принесуваат според Законот, потоа рече: „Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја.“ Така го отстранува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш. И секој свештеник, навистина, стои секој ден, и служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите. Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога, и чека натаму додека Неговите непријатели бидат поставени за подножје на Неговите нозе. Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние, кои се осветуваа. А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече: “Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум, и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам.“ А каде има проштавање за нив, таму нема веќе приноси за грев. И така, браќа, кога имаме смелост да влегуваме во Светината преку крвта на Исуса, Кој ни го отвори новиот и живиот пат низ завесата, односно Неговото тело, и откако Го имаме Врховниот Свештеник над Божјиот дом, да пристапуваме со искрено срце во полна увереност на верата, со срца кои преку попрскување се очистени од зла совест и со тело измиено во чиста вода. Да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној, Кој ветил и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела! Да не ги напуштаме своите собранија, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден друг, и тоа дотолку повеќе, доколку гледате дека наближува Денот!