Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не суштината на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат. Инаку би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не ќе имаат веќе никаква свест за гревовите. Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите, бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги однесе гревовите. Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“ Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“ Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“, а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите; а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат положени како подножје за нозете Негови. Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совршени. И Светиот Дух ни посведочи, зашто, откако порано рече: „Ова е заветот што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам.“ Тој додава: „И за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“ А каде што има проштевање за нив, таму веќе нема приноси за грев.
И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат, што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело, имаме Врховен свештеник над домот Божји. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очистиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода. И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не изостанувајќи од собранијата како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.