Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 41:1-16

Создавање 41:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А по две години сони сон фарао­нот – како стои крај една река. И одеднаш – од реката излегоа седум убави и дебели крави, па почнаа да пасат во мочуриштето; а по нив, потоа, од реката излегоа други седум крави, грди и слаби и застанаа кај другите крави на брегот. И грдите и слаби крави ги изедоа оние седум убави и дебели крави. Тогаш се разбуди фараонот. Потоа пак заспа и сони втор сон, а тоа – седум класја израснаа од едно стеб­ло, јадри и убави; а по нив израснаа седум празни, исушени од ветар. Потоа празните и исушените класја ги изедоа седумте големи и јадри класја. Тогаш фараонот се разбуди, но тоа беше сон. Утредента се вознемири душата негова, та нареди, и беа повикани сите гаталци египетски и сите мудреци. И фараонот им раскажа што сонил, но никој не се најде да го протолкува сонот на фараонот. Тогаш му проговори на фараонот главниот винар и рече: „Денес се сетив за гревот мој. Кога фараонот се налути на слугите свои и нѐ фрли в затвор во куќата на стражарскиот заповедник, мене и главниот пекар, сонувавме во иста ноќ јас и тој, но секој од нас свој сон видовме со свое значење. А таму со нас беше еден млад Ев­реин, слуга на заповедникот на стра­жата; ние му ги раскажавме соништата наши, а тој на секого од нас му го протолкува сонот. И како што ни кажа, така и стана: јас бев вратен на мојата служба, а оној другиот беше обесен.“ Тогаш фараонот нареди, та го повикаа Јосиф, и брзо го изведоа од затворот, а тој се потстрижа и се преоблече, па излезе пред фараонот. А фараонот му рече на Јосиф: „Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам дека умееш да толкуваш соништа.“ Јосиф му одговори на фараонот и рече: „Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро.“

Создавање 41:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По две години, фараонот сонуваше дека стои покрај реката Нил. Од Нил излегоа седум убави и дебели крави; и пасеа низ трските. Но веднаш по нив излегоа други седум, грди и слаби крави, и застанаа покрај оние крави, на брегот на Нил. Грдите и слабите крави ги изедоа убавите и дебелите, а тогаш фараонот се разбуди. Пак заспа и виде друг сон: седум полни и крупни класови израснаа од едно стебленце. Но, ете, по нив израснаа седум слаби класови, изгорени од источниот ветер. Празните класови ги голтнаа седумте крупни и полни класови. И фараонот се разбуди, и ете: тоа беше сон. Утрото, фараонот беше смутен во духот, па ги повика сите египетски волшебници и мудреци: им ги раскажа фараонот своите соништа, но никој не можеше да ги протолкува. Тогаш главниот фараонов виноцрпец проговори: „Треба денес да си спомнам за еден свој пропуст. Еднаш, кога фараонот се налути на своите службеници, на мене и на главниот лебопекар, нѐ стави во темницата на началникот на телохранителите. Сонувавме сон во истата ноќ, и јас и тој, но секој од нас виде сон со друго значење. Тогаш со нас беше некој млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата. Му ги раскажавме нему своите соништа, а тој ни ги протолкува: на секој му го кажа значењето на неговиот сон. Како што ни ги протолкува, така и ни се случи: мене ме вратија на моето место, а оној го обесија.“ Фараонот веднаш испрати по Јосифа; го извлекоа набрзина од темницата; му ја истригаа косата, го облекоа во ново облекло, и тој стапи пред фараонот. Тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Сонував сон, но никој не може да го протолкува, чув за тебе дека можеш да го протолкуваш сонот, штом ќе го чуеш.“ „Јас не можам ништо - му одговори Јосиф на фараонот - туку Бог ќе му даде вистински одговор на фараонот.“