Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 41:1-16

БИТИЕ 41:1-16 MKB

По две години, фараонот сонуваше дека стои покрај реката Нил. Од Нил излегоа седум убави и дебели крави; и пасеа низ трските. Но веднаш по нив излегоа други седум, грди и слаби крави, и застанаа покрај оние крави, на брегот на Нил. Грдите и слабите крави ги изедоа убавите и дебелите, а тогаш фараонот се разбуди. Пак заспа и виде друг сон: седум полни и крупни класови израснаа од едно стебленце. Но, ете, по нив израснаа седум слаби класови, изгорени од источниот ветер. Празните класови ги голтнаа седумте крупни и полни класови. И фараонот се разбуди, и ете: тоа беше сон. Утрото, фараонот беше смутен во духот, па ги повика сите египетски волшебници и мудреци: им ги раскажа фараонот своите соништа, но никој не можеше да ги протолкува. Тогаш главниот фараонов виноцрпец проговори: „Треба денес да си спомнам за еден свој пропуст. Еднаш, кога фараонот се налути на своите службеници, на мене и на главниот лебопекар, нѐ стави во темницата на началникот на телохранителите. Сонувавме сон во истата ноќ, и јас и тој, но секој од нас виде сон со друго значење. Тогаш со нас беше некој млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата. Му ги раскажавме нему своите соништа, а тој ни ги протолкува: на секој му го кажа значењето на неговиот сон. Како што ни ги протолкува, така и ни се случи: мене ме вратија на моето место, а оној го обесија.“ Фараонот веднаш испрати по Јосифа; го извлекоа набрзина од темницата; му ја истригаа косата, го облекоа во ново облекло, и тој стапи пред фараонот. Тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Сонував сон, но никој не може да го протолкува, чув за тебе дека можеш да го протолкуваш сонот, штом ќе го чуеш.“ „Јас не можам ништо - му одговори Јосиф на фараонот - туку Бог ќе му даде вистински одговор на фараонот.“