Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 36:25-36

Езекиел 36:25-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ќе ве поросам со чиста вода и вие ќе се очистите од сите ваши осквернувања, и од сите ваши идоли ќе ве очистам. Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои. И ќе живеете во земјата, што им ја дадов на предците ваши, и ќе бидете Мој народ и Јас ќе бидам ваш Бог. Ќе ве ослободам од сите ваши не­чистотии, ќе го повикам житото и ќе го умножам и нема да ве оставам да тр­пите глад. Ќе ги умножам плодовите по дрвјата и полските производи, па во иднина да не трпите срам од народите поради глад. Тогаш ќе се сетите за своите лоши патишта и за своите лоши дела, па ќе почувствувате одвратност од самите себе за гревовите свои и за лошите престапи. Тоа ќе го направам, не заради вас, вели Господ Бог, туку да ви биде јасно – црвенејте и срамувајте се од вашите патишта, доме Израелов.“ Така вели Господ Бог: „Во оној ден, кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, и ќе ве населам во градовите и ќе бидат обновени урнатините; и опустошената земја што беше пустина во очите на секој минувач, ќе биде обработена, тогаш ќе речат: ‚оваа запустена земја стана како Едемската градина и запустените и разорени градови се за­цврстија и населија.‘ Па ќе познаат народите што ќе останат околу вас дека Јас, Господ, од­ново изградувам разрушено, засадувам запустено. Јас Господ го реков тоа и го извршив.“

Езекиел 36:25-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ќе ве попрскам со чиста вода, за да се исчистите. Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии и од сите ваши идоли. Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го вложам Мојот Дух во вас внатре, за да одите по Моите закони и за да ги пазите и вршите Моите наредби. И ќе се населите во земјата која им ја дадов на вашите татковци и ќе бидете Мој народ, а Јас ќе бидам ваш Бог. Ќе ве избавам од сите ваши нечистотии и ќе го повикам житото и ќе го умножам, и никогаш веќе нема да ве подложам на глад. Ќе го умножам плодот на дрвата и родот на нивите, за да не го носите веќе заради гладот и срамот меѓу народите. И тогаш ќе си спомните за своите лоши патишта и неправди, и сами ќе се замразите себеси заради своите беззаконија и гадости. А што правам, знајте добро, не правам заради вас - говори Господ Бог! Срамете се и засрамете се заради своите патишта, Израелев дому!“ Господ Бог зборува вака: „А кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, ќе ги населам пак вашите градови и ќе ги изградам урнатините; запустената земја, некогаш пустина пред очите на секој минувач, пак ќе биде обработена. Тогаш ќе се рече: ‘Еве ја земјата што беше пуста, а стана како Еденската Градина! Ете, градовите што беа пусти, само урнатини и разурнатини, а сега се утврдени и населени!’ И народот околу вас што остана ќе познае дека Јас, Господ, разурнатото пак го градам, и тоа што беше запустено, пак го садам. Јас, Господ, реков и ќе направам!“