ЕЗЕКИЕЛ 36
36
Г. Обнова на Израел
1. Суд над угнетувачи на Израел
1“Човечки сине, пророкувај им на Израелевите Гори и речи: ‘О Израелеви Гори, чујте го Господовото слово: 2Така зборува Господ: „Вашите непријатели зборуваат за вас: ‘Ха! Ха! Наша сопственост ќе станат вечните височини!’“‘ 3И затоа пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Од сите страни ве запустуваат и ограбуваат за да им бидете сопственост на другите народи, и им дојдовте на јазиците на клеветничките луѓе.“ 4Затоа, Израелеви Гори чујте го Господовото слово! Господ Бог им зборува вака на горите и брежињата, на котлините и на долините, на запустените урнатини и на напуштените градови, кои што им станаа плен и потсмев на другите народи наоколу 5и така, Господ Бог зборува вака: „Навистина ви зборував за огнот на Мојата ревност против другите народи, против сиот Едом, кој што со радост во срцето и со омраза во душата ја присвои за себе во сопственост Мојата земја, за да ја ограбат.“‘ 6Затоа пророкувај за Израелевата Земја! Речи им на горите и на брежињата, на котлините и на долините: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, зборувам во Мојата ревност и јарост зашто требаше да го носите укорот на народите.“ 7Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, дигам рака и се колнам: Народите што се околу вас сами ќе го носат својот срам.
2. Израелево враќање
8А вие, Израелеви гори, разгранчете се и донесете му род на народот што ќе дојде скоро. 9Зашто, еве Ме кај вас! Се обратив кон вас, и ќе ве одгледувам и ќе ве посејам. 10Ќе ги размножам луѓето по вас, - сиот Израелев дом - ќе ви ги населам градовите, ќе ги кренам пак вашите урнатини! 11Ќе ги размножам по вас луѓето и животните, тие ќе се намножат и ќе се наплодат - та ќе ве населам како некогаш и ќе ве опсипам со добра повеќе отколку порано! И ќе знаете дека Јас Сум Господ! 12Ќе доведам кај вас луѓе, Свој народ, Израел, и ќе те завладее, и ќе им бидеш наследство, и веќе нема да им ги одземаш децата.“ 13Господ Бог зборува вака: „А што се зборува за тебе: ‘Ти си земја што ги јаде луѓето и што им ги одзема децата на својот народ’ - 14ти веќе не ќе ги голташ лакомо луѓето, ниту ќе му ги одземаш децата на својот народ - зборува Господ Бог. 15Не дозволувам веќе да го слушаш укорот на незнабожците, не давам веќе да им бидеш за срам на народите; нема веќе да им ги одземаш децата на својот народ - говори Господ Бог.’“
3. Казнување на Израел за идолопоклонство
16Ми дојде Господвото слово: 17“Човечки сине, кога Израелевиот дом уште живееше во својата земја, ја обесвети со своите неправди и со своите патишта. Нивните патишта беа пред Мене како нечистота на нечиста жена. 18И затоа го излеав Својот гнев заради крвта што ја пролеаја и заради идолите со кои се обесветија. 19Ги распрснав меѓу народите и ги расеав по земјите. Им судев според нивните патишта и неправди. 20Ама во народите меѓу кои дојдоа, меѓу сите народи во кои стигнаа, го обесветуваа Моето свето име, зашто за нив се зборуваше: ‘Тоа е Господовиот народ, а требаше да си отиде од Господовата земја!’ 21И Мене Ми се сожали за Моето свето име што Изрелевиот дом го обесвети во народите меѓу кои што дојде.
4. Сам Господ ќе го собере Израел
22Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Што правам не правам заради вас, Израелев дому, туку заради Своето свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте. 23Јас ќе го посветам Своето големо свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте! И народите ќе знаат дека Јас Сум Господ - говори Господ Бог - кога врз вас, пред нивни очи, ќе ја покажам Мојата светост. 24Тогаш ќе ве соберам од сите народи и ќе ве приберам од сите земји, ќе ве доведам назад во вашата земја. 25Ќе ве попрскам со чиста вода, за да се исчистите. Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии и од сите ваши идоли. 26Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо. 27Ќе го вложам Мојот Дух во вас внатре, за да одите по Моите закони и за да ги пазите и вршите Моите наредби. 28И ќе се населите во земјата која им ја дадов на вашите татковци и ќе бидете Мој народ, а Јас ќе бидам ваш Бог. 29Ќе ве избавам од сите ваши нечистотии и ќе го повикам житото и ќе го умножам, и никогаш веќе нема да ве подложам на глад. 30Ќе го умножам плодот на дрвата и родот на нивите, за да не го носите веќе заради гладот и срамот меѓу народите. 31И тогаш ќе си спомните за своите лоши патишта и неправди, и сами ќе се замразите себеси заради своите беззаконија и гадости. 32А што правам, знајте добро, не правам заради вас - говори Господ Бог! Срамете се и засрамете се заради своите патишта, Израелев дому!“
5. Обнова на градови и земјоделство
33Господ Бог зборува вака: „А кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, ќе ги населам пак вашите градови и ќе ги изградам урнатините; 34запустената земја, некогаш пустина пред очите на секој минувач, пак ќе биде обработена. 35Тогаш ќе се рече: ‘Еве ја земјата што беше пуста, а стана како Еденската Градина! Ете, градовите што беа пусти, само урнатини и разурнатини, а сега се утврдени и населени!’ 36И народот околу вас што остана ќе познае дека Јас, Господ, разурнатото пак го градам, и тоа што беше запустено, пак го садам. Јас, Господ, реков и ќе направам!“
6. Умножување на луѓе
37Господ Бог зборува вака: „Еве, уште во тоа ќе ја пројавам Мојата милост кон Израелевиот дом: ќе им ги умножам луѓето како стада. 38Како што има многу овци во Ерусалим во време на неговите празници, така ќе бидат полни со луѓе запустените градови; и ќе знаат дека Јас Сум Господ.“‘“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 36: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.