Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 35:4-35

Излез 35:4-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И уште му рече Мојсеј на целото општество на народот израелски: „Еве што заповеда Господ: соберете помеѓу вас принос на Господ, секој што од срце дава, нека донесе принос, доброволно нека принесе принос на Господ: злато, сребро и бакар, сина, пурпурна и црвена волна, лен и козина; и овнешки кожи, црвени, сини кожи и дрво шитим; масло за светилникот, и мириси за маслото за помазание и мирисното кадиво; и камења од оникс, и камења за украсување на ефодот и за наградникот. И сите, кои се меѓу вас мудри по разум, нека дојдат да направат сѐ што заповедал Господ: Скинијата, платништата и покривот нејзин, кукичките нејзини и штиците, напречниците нејзини, столбовите неј­зини и подножјата нејзини; и ковчегот на заветот, со своите лостови, и чистилиштето, и завесата за преграда. Трпезата и лостовите нејзини, и сиот прибор нејзин и лебовите за принос; светилникот за осветление со приборот негов и кадилата негови, и маслото за осветление; и кадилниот жртвеник, и лостовите негови, и маслото за помазание, и миризбите за кадење, и завесата на вратата од скинијата; жртвеникот за сепаленици, и неговите бакарни решетки, лостовите негови и сиот негов прибор, и мијалникот и подножјето негово. Завесите за дворот, столбовите не­гови и подножјата нивни, и завесата од вратата на дворот; коловите за скинијата, и коловите за дворот со јажињата нивни; одеждите службени за служба во светилиштето, и светите одежди на свештеникот Арон, и одеждите на синовите негови за свештеничка служба.“ Потоа целото општество на синови­те израелски се повлече од Мојсеј. И доаѓаа сите кои срцето ги влечеше и душата ги поттикнуваше; доаѓаа, носејќи принос на Господ – приноси за уредување на скинијата, за сите нејзини потреби и за светите одежди; доаѓаа мажи и жени; сите, што срцето ги влечеше, и принесуваа ве­риш­ки, обетки, прстени и гривни и се­какви златни работи; секој, кој сакаше, принесуваше злато на Господ; и секој, кој имаше сина, пурпурна и црвена волна и лен, овнешки кожи, црвени, и сини кожи, ги принесуваа; и секој, кој донесуваше сребро или бакар, Му Го принесуваше како дар на Господ; и кој имаше дрво шитим, го принесуваше за секоја потреба. А секоја жена, мудра и вешта, предеше со своите раце и принесуваше сѐ што ќе испреде – преѓа сина, пурпурна и црвена и лен; секоја пак, жена, која сакаше, а и можеше да преде, предеше козина. А старешините принесуваа камен оникс и камења за украсување на ефо­дот и на наградникот; исто така и аромати, масло за ос­вет­ление и масло за маслото за пома­зание и миризби за кадење! И така синовите израелски – сите мажи и сите жени, кои сакаа да принесат што и да е за делото, што заповеда Господ преку Мојсеј да се направи, принесоа доброволен дар на Господ. Тогаш им рече Мојсеј на синовите израелски: „Ете, Бог го повика по име Веселеил, син на Уриј, синот Оров, од племето Јудино.“ И го исполни со Божји Дух, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност; да изработува планови, и да прави работи од злато, сребро и бакар; да реже камења, да реже и обработува дрво, и да прави секакви уметнички работи; а вложи во неговото срце и во срцето на Охолијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, и способност да можат да учат и други. Ги обдари со умешност да вршат секаква работа, на ковач, уметник и везач на сина, пурпурна и црвена и ленена ткаенина и ткајачи, кои прават секакви работи и изработуваат уметнички планови.

Излез 35:4-35 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Натаму Мојсеј ѝ рече на целата израелска заедница: „Господ го нареди ова: Соберете меѓу себе принос за Господа! Секој со племенито срце нека Му донесе принос на Господа: злато, сребро и бронза; љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен; направени овенски кожи, потоа јазовечки кожи, багремово дрво, масло за осветление, мириси за масло за помазание и благомирислив темјан; оникс и други бесцени камења за вметнување во наплеќникот и врзградникот. А сите кои се вешти меѓу вас, нека дојдат да прават што нареди Господ: Шаторот, неговиот покрив, и неговиот горен покрив, неговите куки и даски, неговите лостови и столпчиња; неговите подножја; неговиот Ковчег и ластегарките; Очистилиштето, па завесата за засолнување; столот со неговите ластегарки и со сите негови прибори; принесените лебови; светилник за осветлување, неговиот прибор и неговите светилки, потоа масло за осветление; кадилниот жртвеник и неговите ластегарки; миро и благомирислив темјан; завесата за влезот во Шаторот; жртвеник за жртвите паленици со неговата решетка од бронза; ластегарките за него и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка; завесите за дворот; столбовите и нивните подножја, па завесата при влезот во дворот; колчињата за Шаторот и колчињата за дворот со нивните врвци; свеченото руво за вршење служба во Светилиштето - посветената облека за свештеникот Арон и облеките за свештеничка служба на неговите синови.“ Тогаш целата израелска заедница се повлече од пред Мојсеја. А тогаш секој, кого срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, дојде носејќи го својот принос во чест на Господа за градба на Шаторот на средбата, за секоја служба во него и за посветените облеки. Се стрчаа мажите и жените: сите кои срцето ги влечеше донесоа: запнувачки, обетки, прстења, нараквици, огрлици и разновидни златни накити; сите што имаа заветувано некаква златна работа во чест на Господа. Сите кај кои се најдоа љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен, направени овновски кожи или јазовечки кожи, го донесоа своето. Натаму, секој што можеше да даде некаков дар во сребро или во бронза, го донесе тоа како принос во чест на Господа. Секој кај кого се најде багремово дрво за употреба во која и да е работа, го донесе. Сите жени кои беа вешти предеа со своите раце и го донесуваа тоа што го испредоа: љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен. Сите жени пак, кои ги поттикнуваше нивното срце заради нивната вештина, предеа козина. Главатарите донесуваа оникс и други бесцени камења за вметнување во плеќникот и врзградникот; па мириси и масло за осветление, миро за помазание и благомирислив темјан. И така Израелците - сите мажи и сите жени, кои ги поттикнуваше срцето да придонесат што и да е за работата што Господ ја нареди преку Мојсеја да биде извршена - го донесоа тоа како доброволен принос во чест на Господа. Потоа Мојсеј им рече на Израелците: „Гледате! Господ го назначи по име Веселеила, Уриевиот син, од Оровото колено, а од Јудиното племе. Го исполни него со Божји Дух, мудрост, му даде разум и секаква вештина: да замислува нацрти и да извршува работи од злато, сребро и бронза; да реже бесцени камења за вметнување; да копаничи во дрво и да ја работи искусно својата работа. Нему и на Елијав, Ахисамаховиот син, од Дановото племе, им додели и способност да ги поучуваат другите. Ги надари со умеење во секоја работа: копаничарска, шивачка, везачка и ткаачка; тие ткаеја ткаенини од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен, способни сѐ во секоја работа и вешти во уметнички изработки.“