ИЗЛЕЗ 35
35
Опремување на Шаторот
1Мојсеј ја свика целата заедница на Израелевите синови па им рече: „Господ ви наложи да го правите ова: 2Работата нека се извршува шест дена. Седмиот ден нека ви биде свет ден, ден за целосна починка во чест на Господа. Секој што ќе работи во тој ден, нека биде казнет со смрт. 3Во саботен ден не палете ни оган во своето престојувалиште.“ 4Натаму Мојсеј ѝ рече на целата израелска заедница: „Господ го нареди ова: 5Соберете меѓу себе принос за Господа! Секој со племенито срце нека Му донесе принос на Господа: злато, сребро и бронза; 6љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен; 7направени овенски кожи, потоа јазовечки кожи, багремово дрво, 8масло за осветление, мириси за масло за помазание и благомирислив темјан; 9оникс и други бесцени камења за вметнување во наплеќникот и врзградникот. 10А сите кои се вешти меѓу вас, нека дојдат да прават што нареди Господ: 11Шаторот, неговиот покрив, и неговиот горен покрив, неговите куки и даски, неговите лостови и столпчиња; неговите подножја; 12неговиот Ковчег и ластегарките; Очистилиштето, па завесата за засолнување; 13столот со неговите ластегарки и со сите негови прибори; принесените лебови; 14светилник за осветлување, неговиот прибор и неговите светилки, потоа масло за осветление; 15кадилниот жртвеник и неговите ластегарки; миро и благомирислив темјан; завесата за влезот во Шаторот; 16жртвеник за жртвите паленици со неговата решетка од бронза; ластегарките за него и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка; 17завесите за дворот; столбовите и нивните подножја, па завесата при влезот во дворот; 18колчињата за Шаторот и колчињата за дворот со нивните врвци; 19свеченото руво за вршење служба во Светилиштето - посветената облека за свештеникот Арон и облеките за свештеничка служба на неговите синови.“ 20Тогаш целата израелска заедница се повлече од пред Мојсеја. 21А тогаш секој, кого срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, дојде носејќи го својот принос во чест на Господа за градба на Шаторот на средбата, за секоја служба во него и за посветените облеки. 22Се стрчаа мажите и жените: сите кои срцето ги влечеше донесоа: запнувачки, обетки, прстења, нараквици, огрлици и разновидни златни накити; сите што имаа заветувано некаква златна работа во чест на Господа. 23Сите кај кои се најдоа љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен, направени овновски кожи или јазовечки кожи, го донесоа своето. 24Натаму, секој што можеше да даде некаков дар во сребро или во бронза, го донесе тоа како принос во чест на Господа. Секој кај кого се најде багремово дрво за употреба во која и да е работа, го донесе. 25Сите жени кои беа вешти предеа со своите раце и го донесуваа тоа што го испредоа: љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен. 26Сите жени пак, кои ги поттикнуваше нивното срце заради нивната вештина, предеа козина. 27Главатарите донесуваа оникс и други бесцени камења за вметнување во плеќникот и врзградникот; 28па мириси и масло за осветление, миро за помазание и благомирислив темјан. 29И така Израелците - сите мажи и сите жени, кои ги поттикнуваше срцето да придонесат што и да е за работата што Господ ја нареди преку Мојсеја да биде извршена - го донесоа тоа како доброволен принос во чест на Господа.
30Потоа Мојсеј им рече на Израелците: „Гледате! Господ го назначи по име Веселеила, Уриевиот син, од Оровото колено, а од Јудиното племе. 31Го исполни него со Божји Дух, мудрост, му даде разум и секаква вештина: 32да замислува нацрти и да извршува работи од злато, сребро и бронза; 33да реже бесцени камења за вметнување; да копаничи во дрво и да ја работи искусно својата работа. 34Нему и на Елијав, Ахисамаховиот син, од Дановото племе, им додели и способност да ги поучуваат другите. 35Ги надари со умеење во секоја работа: копаничарска, шивачка, везачка и ткаачка; тие ткаеја ткаенини од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен, способни сѐ во секоја работа и вешти во уметнички изработки.“
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 35: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.