Излез 2:1-25
Излез 2:1-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еден човек од племето Левиево отиде и си зеде жена од ќерките Левиеви. Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци. Но, кога не можеше повеќе да го крие, зеде кошниче од трски го облепи со асфалт и смола; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката. А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него. Ќерката, пак, фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слугинки одеа покрај реката. Таа го забележа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе. А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: „Ова е еврејско дете.“ Тогаш сестрата негова ѝ рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?“ А фараоновата ќерка ѝ рече: „Оди!“ И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето. Фараоновата ќерка ѝ рече: „Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.“ И го зеде жената детето и го доеше. А кога детето порасна, го одведе кај ќерката фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи: „Зашто од вода го извадив.“ По многу време, кога Мојсеј порасна, отиде меѓу браќата свои, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египќанец бие Евреин – еден од браќата негови. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египќанецот и го закопа во песокот. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: „Зошто го биеш ближниот свој?“ А тој одговори: „Кој те постави тебе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египќанецот?“ Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: „Значи, се разбрало за ова!“ И фараонот чу за ова, па сакаше да го погуби Мојсеј. Но Мојсеј избега од фараонот и отиде во мидјанската земја, и седна крај еден извор. А свештеникот мидјански, пак, имаше седум ќерки. И тие дојдоа и црпеа вода и ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на својот татко. Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото. Тие се вратија кај таткото свој Рагуил, а тој ги праша: „Зошто толку бргу се вративте денес?“ Тие одговорија: „Еден Египќанец нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците.“ А тој им рече на своите ќерки: „Па, каде е тој? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде со нас!“ И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеј за жена својата ќерка Ципора. И таа роди син, и му стави име Герешом: „Бидејќи сум – рече – доселеник во туѓа земја.“ А по многу време, умре египетскиот цар. А синовите израелски уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките маки дојде до Бога. И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраам, Исак и Јаков. И Бог погледна на синовите израелски, и се смили над нив.
Излез 2:1-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Некој си човек од Левиевото колено отиде и се ожени со девојка Левијка. Жената зачна и роди син. Откако виде колку е красен, го криеше три месеци. Кога не можеше веќе да го крие, набави кошница од папирусова трска, ја намачка со смола и катран, го стави детето во неа и го положи во трските на брегот на Реката. Неговата сестра застана подалеку, да види што ќе биде со него. Фараоновата ќерка слезе до Реката да се капи, додека нејзините слугинки шетаа по брегот на Реката. Таа ја забележа кошницата во трските, па ја испрати слугинката да ја донесе. Ја отвори и погледа, а тоа во неа: дете! Машко чедо. Плачеше. Таа му се сожали. „Тоа ќе е еврејско дете“, рече. Тогаш неговата сестра ѝ рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да побарам доилка меѓу Еврејките, да ти го дои детето?“ „Оди!“ ѝ одговори фараоновата ќерка. Така девојката отиде и ја повика мајката на детето. „Земи го детево - ѝ рече фараоновата ќерка - и одгледај ми го, а јас ќе те платам.“ Кога детето порасте, таа го доведе при фараоновата ќерка, која го посини. Му го даде името Мојсеј, „зашто го извадив - рече - од вода.“ Еден ден, кога Мојсеј веќе беше порастен, дојде меѓу своите браќа и ги виде нивните маки. Тогаш забележа како еден Египетец бие еден Евреин - негов брат. Се заврте ваму-таму и откако виде дека нема никој, го уби Египетецот и го закопа во песокот. Тој излезе и другиот ден и најде двајца Евреи како се тепаат. „Зошто го тепаш својот другар?“ - му рече на напаѓачот. Овој му одговори: „Кој те постави за наш старешина и судија? Имаш ли намера да ме убиеш и мене, како што го уби оној Египетец?“ Мојсеј се исплаши и си рече во себе: „Така! Сепак се научило.“ Кога фараонот го чу тоа, сакаше да го погуби Мојсеја. Затоа Мојсеј избега од фараонот и се засолна во Мадијамската Земја. Таму седна покрај еден кладенец. Мадијамскиот свештеник имаше седум ќерки. Тие дојдоа да нацрпат вода и да ги налеат поилата, за да го напојат стадото на својот татко. Но дојдоа и пастирите и ги истераа. Мојсеј стана, ги одбрани и им го напои стадото. Кога се вратија при својот татко Рагуил, тој ги праша: „Како се вративте денес толку брзо?“ Тие одговорија: „Еден Египетец нѐ одбрани од пастирите, и уште ни нацрпи вода и ни го напои стадото.“ „Каде е? - ги праша тој своите ќерки. - Зошто го оставивте човекот? Повикајте го на ручек.“ Мојсеј се согласи да остане при човекот. Тој го ожени Мојсеја со својата ќерка Сепфора. А кога таа роди син, тој му го даде името Гирсам, „зашто сум - рече - странец во туѓа земја.“ По долго време почина египетскиот цар. Израелците уште стенкаа во ропство. Викаа, и нивниот повик за помош, среде ропството, се издигна до Бога. Бог го чу нивното викање за помош и се сети за Својот Завет со Авраама, Исака и Јакова. И Бог погледна на Израелците, и се зазеде за нив.