Еден човек од племето Левиево отиде и си зеде жена од ќерките Левиеви. Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци. Но, кога не можеше повеќе да го крие, зеде кошниче од трски го облепи со асфалт и смола; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката. А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него. Ќерката, пак, фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слугинки одеа покрај реката. Таа го забележа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе. А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: „Ова е еврејско дете.“ Тогаш сестрата негова ѝ рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?“ А фараоновата ќерка ѝ рече: „Оди!“ И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето. Фараоновата ќерка ѝ рече: „Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти платам.“ И го зеде жената детето и го доеше. А кога детето порасна, го одведе кај ќерката фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи: „Зашто од вода го извадив.“
По многу време, кога Мојсеј порасна, отиде меѓу браќата свои, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египќанец бие Евреин – еден од браќата негови. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Египќанецот и го закопа во песокот. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: „Зошто го биеш ближниот свој?“ А тој одговори: „Кој те постави тебе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египќанецот?“ Тогаш Мојсеј се уплаши и рече: „Значи, се разбрало за ова!“ И фараонот чу за ова, па сакаше да го погуби Мојсеј. Но Мојсеј избега од фараонот и отиде во мидјанската земја, и седна крај еден извор. А свештеникот мидјански, пак, имаше седум ќерки. И тие дојдоа и црпеа вода и ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на својот татко. Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото. Тие се вратија кај таткото свој Рагуил, а тој ги праша: „Зошто толку бргу се вративте денес?“ Тие одговорија: „Еден Египќанец нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците.“ А тој им рече на своите ќерки: „Па, каде е тој? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде со нас!“ И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеј за жена својата ќерка Ципора. И таа роди син, и му стави име Герешом: „Бидејќи сум – рече – доселеник во туѓа земја.“
А по многу време, умре египетскиот цар. А синовите израелски уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките маки дојде до Бога. И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраам, Исак и Јаков. И Бог погледна на синовите израелски, и се смили над нив.