Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 19:9-25

Излез 19:9-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, Јас ќе дојдам кај тебе во густ облак, за да чуе народот, како ќе зборувам со тебе, па да ти поверува засекогаш.“ Зашто Мојсеј Му ги беше соопштил на Господ зборовите народни. И му рече Господ на Мојсеј: „Појди кај народот и освети го денес и утре; и нека ги исперат облеките свои; и нека се приготват за третиот ден, зашто во третиот ден ќе слезе Господ на Синајската Гора пред сиот народ, а ќе поставиш граници за сиот на­род од сите страни и ќе им кажеш: ‚Пазете да не се качувате на планината и да не се допирате до подножјето неј­зино; секој, кој ќе се допре до планината, ќе загине. Никаква рака да не се допре до него, туку со камења да биде убиен или со стрела да биде застрелан; добиток ќе е или човек, жив да не остане. А кога трубата ќе затруби отегнато, тогаш ќе можат да се качат на планината.‘“ И Мојсеј слезе од планината кај народот и го освети народот; и тие ги испраа облеките свои. И му рече на народот: „Бидете го­то­ви за третиот ден; и не приближувај­те се до жена!“ А третиот ден, на осамнување, за­грме и молњи засветкаа, и настана густ облак над планината, и затруби труба со многу силен глас, така што затрепери сиот народ, кој беше во логорот. Тогаш Мојсеј го изведе народот од логорот, за да Го пресретне Бога; и застанаа во подножјето на планината. А Синајската Планина целата беше во дим, зашто Господ беше слегол на неа во оган; и дим се креваше од неа, како дим од печка; и целата планина силно се тресеше; и гласот на трубата стануваше сѐ посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше гласно. И Господ слезе на планината Синај, на врвот од планината, и го повика Господ Мојсеј на врвот од планината. Мојсеј се искачи. Тогаш Бог му рече на Мојсеј: „Сле­зи и кажи му на народот да не навалува за да Го види Господа, та да не изгинат мнозина од нив; а свештениците, кои пристапуваат кон Господ, нека се осветат, за да не ги погуби Господ.“ Тогаш Мојсеј Му рече на Господ: „Не ќе може народот да се качи на Синајската Планина, бидејќи Ти изрич­но нѐ опомена, велејќи – омеѓи ја гората и освети ја.“ Но Господ му рече: „Оди, слези, па тогаш качете се ти и Арон со тебе; а свештениците, пак, и народот нека не навалуваат да се качат при Господ, за да не загинат.“ И слезе Мојсеј кај народот и му објасни.

Излез 19:9-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Еве, Јас ќе дојдам при тебе во густ облак, за да чуе народот кога ќе зборувам со тебе, и да ти верува засекогаш.“ „Тргни кон народот - му рече Господ на Мојсеја - и посветувај го денес и утре. Нека ја испере својата облека; нека биде готов задутре, зашто задутре Господ ќе слезе на гората Синај, пред очите на целиот народ. Постави наоколу граници за народот и дај наредба: ‘Внимавајте да не се искачувате на ридот; да не се допрете ни до подножјето! Секој што ќе се допре до ридот, ќе го најде смрт. Ничија рака да не се допре до него, туку нека биде затрупан со камења или застрелан со стрела: било да е човек или животно, нека не остане во живот.’ Нека се искачуваат на ридот при отегнатиот звук на трубата.“ Мојсеј слезе од брдото кон народот и почна да го посветува народот. Тие ја испраа својата облека. „Бидете готови за задутре! - му рече Мојсеј на народот. Не приближувајте се до жена!“ А на третиот ден, при разденување, зататни грмеж, засветкаа молњи, а густ облак се наднесе над ридот. Грмливо екна трубата, се стресе целиот народ што беше во логорот. Мојсеј го поведе народот од логорот во пресрет на Бога. Застанаа при подножјето на ридот. Планината Синај беше завиткана во дим, зашто Господ слезе на неа во оган. Се креваше дим како дим од печка. Целата планина се тресеше силно. Звукот на трубата стануваше сѐ посилен. Мојсеј зборуваше, а Господ му одговараше со глас. Господ слезе на Синајската Гора, на врвот, и Господ го повика Мојсеја на врвот на гората. Мојсеј се искачи. Сега Господ му рече на Мојсеја: „Слези и опомени го народот, за да не навалува кон Господа да го види. Мнозина би загинале. И самите свештеници, кои доаѓаат близу до Господа, треба да се очистат, за да не ги уништи Господ.“ Народот не може да се искачи на ридот Синај - Му одговори Мојсеј на Господа - зашто Ти Самиот нѐ опомена: ‘Постави граници околу ридот и прогласи го за свет.’“ „Слези и искачи се пак со Арона - му одговори Господ. Ама свештениците и народот нека не навалуваат да се искачат кон Господа, за да не загинат.“ Мојсеј слезе при народот и му кажа сѐ.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност