Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 17:8-16

Излез 17:8-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но тогаш дојдоа Амаликијците во војна против Израелците во Рефидим. А Мојсеј, пак, му рече на Исус: „Избери си мажи, па излези и бори се утре против Амаликијците; а јас ќе застанам на врвот од гората и стапот Божји ќе ми биде в рака.“ И направи Исус, како што му рече Мојсеј, и излезе против Амаликијците; а Мојсеј, Арон и Ор се искачија на вр­вот од планината. И кога Мојсеј ги креваше рацете свои – надвладуваа Израелците, а кога ги спушташе рацете – надвладуваа Амаликијците. Но рацете на Мојсеј му отежнаа; затоа зедоа камен и го ставија под него, па седна на него: а Арон и Ор му ги потпираа рацете: еден од една страна, а другиот – од другата. Така стоеја рацете Мојсееви кренати до зајдисонце. И го победи Исус Амалик и него­виот народ со сечилото на мечот. Потоа Господ му рече на Мојсеј: „Запиши го тоа за спомен во книгата, и објасни му на Исус да помни дека сосема ќе го избришам споменот за Амали­кијците од под небото.“ Тогаш Мојсеј подигна жртвеник, и го нарече „Јахве Ниси“ – Господ ми е знаме! „Бидејќи, рече тој, рака се кренала на престолот Господов; Господ ќе војува против Амалик од поколение на по­коление.“

Излез 17:8-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш дојдоа Амаликците и завојуваа со Израелците кај Рафидин. А Мојсеј му рече на Исуса: „Одбери момчиња па тргни и зафати борба со Амаликците. Јас ќе застанам утре на врвот на ридот со Божјиот стап во раката.“ Исус направи како што му рече Мојсеј и стапи во борба со Амаликците, а Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот на брдото. И додека Мојсеј ги држеше рацете издигнати, Израелците победуваа; а кога ќе ги спуштеше рацете, победуваа Амаликците. Но најзад рацете му стежнаа на Мојсеја. Затоа зедоа камен, го ставија под него, и тој седна, додека Арон и Ор, еден од едната, а другиот од другата страна, му ги држеа рацете до зајдисонце. И Исус ги совлада, со острицата на мечот, Амалика и неговиот народ. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Запиши го ова во книгата за спомен, и врежи во Исусовите уши дека Јас ќе го избришам сосем споменот на Амаликците под небото!“ Потоа Мојсеј издигна жртвеник и го нарече: „Господ Ми е Знаме!“ Зашто рече: „Господовото знаме во раката! Господ ќе војува против Амаликците од поколение до поколение!“