Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 17

17
Вода од карпата во Рафидим
1Целата израелска заедница, по Господова заповед, тргна натаму од пустината Син. Се влогорија кај Рафидим. Таму немаше вода да пие народот. 2Затоа народот почна да се препира со Мојсеја. Викаа: „Дај ни вода да пиеме!“ А Мојсеј им одговори: „Зошто се препирате со мене? Зошто Го искушувате Господа?“ 3Ама народот ожедне за вода, па ропташе против Мојсеја и говореше: „Зошто нѐ изведе од Египет? Зар да не помориш со жед, нас, нашите деца и нашиот добиток?“ 4„Што да правам со овој народ! - извика Мојсеј кон Господа. Уште малку па ќе ме каменуваат.“ 5„Истапи пред народот! - му рече Господ на Мојсеја. Земи со себе неколку израелски старешини; земи го во раката стапот, со кој ја удри Реката, и тргни. 6А Јас ќе стојам пред тебе таму, на карпата во Хорив. Удри по карпата: од неа ќе потече вода, па нека се напие народот.“ Мојсеј направи така пред очите на израелските старешини. 7Местото го нарекоа Маса и Мерива, заради тоа што Израелците се препираа и Го искушуваа Господа, зборувајќи: „Дали е Господ меѓу нас или не е?“
Пораз на Амаликците
8Тогаш дојдоа Амаликците и завојуваа со Израелците кај Рафидин. 9А Мојсеј му рече на Исуса: „Одбери момчиња па тргни и зафати борба со Амаликците. Јас ќе застанам утре на врвот на ридот со Божјиот стап во раката.“ 10Исус направи како што му рече Мојсеј и стапи во борба со Амаликците, а Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот на брдото. 11И додека Мојсеј ги држеше рацете издигнати, Израелците победуваа; а кога ќе ги спуштеше рацете, победуваа Амаликците. 12Но најзад рацете му стежнаа на Мојсеја. Затоа зедоа камен, го ставија под него, и тој седна, додека Арон и Ор, еден од едната, а другиот од другата страна, му ги држеа рацете до зајдисонце. 13И Исус ги совлада, со острицата на мечот, Амалика и неговиот народ. 14Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Запиши го ова во книгата за спомен, и врежи во Исусовите уши дека Јас ќе го избришам сосем споменот на Амаликците под небото!“ 15Потоа Мојсеј издигна жртвеник и го нарече: „Господ Ми е Знаме!“ 16Зашто рече: „Господовото знаме во раката! Господ ќе војува против Амаликците од поколение до поколение!“

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 17: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се