Ефесјаните 1:1-15
Ефесјаните 1:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Од Павле, одбран од Бог да му биде апостол на Исус Христос, до Божјиот свет народ во Ефес, до верните следбеници на Исус Христос. Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој не благослови со секаков вид духовни благослови од небесните простори, бидејќи Му припаѓаме на Христос. Поради Својата љубов спрема нас, уште пред светот да биде создаден, Бог не одбра да бидеме Негов народ, преку вера во Христос, и да бидеме свети и без пороци во Неговите очи. Неговиот план отсекогаш беше, преку Исус Христос, да не посвои, да не направи Негови деца. Тоа беше резултат на Неговата благонаклоност спрема нас. Го славиме Бога заради таа прекрасна благонаклоност што ја излеа врз нас, бидејќи Му припаѓаме на Неговиот сакан Син. Христос ја пролеа сопствената крв за да не откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас, излевајќи ја врз нас заедно со сета мудрост и разбирање. Бог ни откри каква Му била намерата и ни го објасни тајниот план што веќе беше решил да го оствари преку Христос. Планот што Бог ќе го доврши, кога за тоа ќе дојде време, е да собере се заедно, и од небото и од Земјата, и да го стави под власт на Христос. Токму по заслуга на Христос и ние бевме избрани за наследници, однапред определени од Бог, Кој се прави онака како што Самиот Тој ќе реши. Ние ќе ја увеличиме Божјата слава, сите ние што навреме ја положивме својата надеж во Христос. И вие сте сега Божји народ. Ја слушнавте вистината, Радосната вест за тоа како можете да се спасите, и поверувавте во неа. Бог ве посвои, ставајќи го врз вас Својот печат со тоа што ви го даде Светиот Дух, токму онака како што ни беше ветено. Светиот Дух е гаранција дека навистина ќе го добиеме она што Бог му го вети на Својот народ: откупување, ослободување за тие што се Негови. Тоа е уште една причина да го славиме нашиот величествен Бог. Слушнав за вашата вера во Исус Христос и за љубовта што ја имате спрема сите христијани
Ефесјаните 1:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, до светиите што се во Ефес, и до верните во Исус Христос: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос! Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос, така што и нѐ избра преку Него, уште пред светот да биде создаден, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта, предопределувајќи нѐ за посинување за Себе преку Исус Христос, зашто тоа Му беше по волја, за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нѐ дарува преку Својот Возљубен Син, во Кого имаме откуп преку Неговата крв, простување на гревовите по богатството на Неговата благодат. Таа благодат Тој ни ја даде изобилно заедно со сета мудрост и разум, откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сѐ небесно и земно под една глава – во Христос. Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени според одлуката на Оној Кој врши сѐ според волјата Своја, за да послужиме како пофалба на славата Негова ние, кои од порано се надевавме на Христос. Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух. Тој е залог за нашето наследство, за откупување на посвојувањето за пофалба на Неговата слава. Ете, затоа и јас, кога слушнав за вашата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии
Ефесјаните 1:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Павле, преку Божја волја апостол на Исуса Христа, до светите во Ефес и верните во Христа Исуса: благодат на вас и мир од Бога, нашиот Татко и од Господа Исуса Христа! Да биде благословен Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови, во Христа, со секаков духовен благослов во небесните места; зашто нѐ избра во Него, пред создавањето на светот, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубов. Како што нѐ и определи однапред за да нѐ посини преку Исуса Христа, по благоволение на Својата волја, за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нѐ дарува во Возљубениот, во Кого имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите, според богатството на Неговата благодат, која ја излеа изобилно на нас во секоја мудрост и разумност, - соопштувајќи ни ја тајната на Својата волја, според Своето благоволение, што го одреди во Него, за да ја спроведе кога ќе се исполнат времињата: за да соедини повторно во Христа: сѐ што е на небесата и што е на земјата - во Него, во Кого и ние бевме избрани за наследници, зашто бевме определени однапред со одлуката на Оној, Кој прави сѐ по советот на Својата волја, за да бидеме за пофалба на Неговата слава, ние, кои веќе отпорано се надевавме во Христа. Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината - Евангелието на вашето спасение - и откако и вие поверувавте, станавте запечатени со Светиот Дух на ветувањето. Кој е залог за нашето наследство, за откупување на оние кои станаа Божја сопственост - за пофалба на Неговата слава. Затоа и јас, откако чув за вашата вера во Господа Исуса и за вашата љубов кон сите свети