Павле, преку Божја волја апостол на Исуса Христа, до светите во Ефес и верните во Христа Исуса: благодат на вас и мир од Бога, нашиот Татко и од Господа Исуса Христа!
Да биде благословен Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови, во Христа, со секаков духовен благослов во небесните места; зашто нѐ избра во Него, пред создавањето на светот, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубов. Како што нѐ и определи однапред за да нѐ посини преку Исуса Христа, по благоволение на Својата волја, за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нѐ дарува во Возљубениот, во Кого имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите, според богатството на Неговата благодат, која ја излеа изобилно на нас во секоја мудрост и разумност, - соопштувајќи ни ја тајната на Својата волја, според Своето благоволение, што го одреди во Него, за да ја спроведе кога ќе се исполнат времињата: за да соедини повторно во Христа: сѐ што е на небесата и што е на земјата - во Него, во Кого и ние бевме избрани за наследници, зашто бевме определени однапред со одлуката на Оној, Кој прави сѐ по советот на Својата волја, за да бидеме за пофалба на Неговата слава, ние, кои веќе отпорано се надевавме во Христа. Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината - Евангелието на вашето спасение - и откако и вие поверувавте, станавте запечатени со Светиот Дух на ветувањето. Кој е залог за нашето наследство, за откупување на оние кои станаа Божја сопственост - за пофалба на Неговата слава.
Затоа и јас, откако чув за вашата вера во Господа Исуса и за вашата љубов кон сите свети