Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, до светиите што се во Ефес, и до верните во Исус Христос: благодат и мир вам од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос!
Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос, така што и нѐ избра преку Него, уште пред светот да биде создаден, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта, предопределувајќи нѐ за посинување за Себе преку Исус Христос, зашто тоа Му беше по волја, за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нѐ дарува преку Својот Возљубен Син, во Кого имаме откуп преку Неговата крв, простување на гревовите по богатството на Неговата благодат. Таа благодат Тој ни ја даде изобилно заедно со сета мудрост и разум, откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сѐ небесно и земно под една глава – во Христос. Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени според одлуката на Оној Кој врши сѐ според волјата Своја, за да послужиме како пофалба на славата Негова ние, кои од порано се надевавме на Христос. Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух. Тој е залог за нашето наследство, за откупување на посвојувањето за пофалба на Неговата слава.
Ете, затоа и јас, кога слушнав за вашата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии