Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Повторени закони 30:15-20

Повторени закони 30:15-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Гос­под, твојот Бог, што денес ти ги давам, – да Го сакаш Господа, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови, – тогаш ќе живееш и ќе се намножиш, и Господ, твојот Бог, ќе те благослови во земјата, во која одиш, за да ја наследиш; ако, пак, се одврати срцето твое, и не послушаш, и се заблудиш, па почнеш да им се поклонуваш на други богови и да им служиш, тогаш, ви јавувам денес, дека ќе загинете и нема долго да останете на земјата, поради која ќе го минете Јор­дан, за да ја наследите. Сведоци ми се небото и земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се при­врзеш кон Него, зашто во тоа е твојот живот и долговечност; така ти ќе живееш на земјата, за која Господ им се беше заколнал на предците твои – Ав­раам, Исак и Јаков – дека ќе им ја даде.

Повторени закони 30:15-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа. Ако ги послушаш заповедите на Господа, својот Бог, кои ти ги давам денес - ако ги послушаш љубејќи Го Господа, својот Бог, одејќи по неговите патишта, вршејќи ги Неговите заповеди, Неговите закони и Неговите уредби, ќе живееш и Господ, твојот Бог, ќе те размножи и ќе те благослови во земјата во која влегуваш за да ја земеш во сопственост. Ама ако твоето срце се одврати и не послушаш, туку тргнеш по заблуда и се клањаш на други богови и ним им служиш, Јас ви изјавувам денес дека навистина ќе пропаднете; не ќе живеете долго на земјата во која, откако ќе поминете преку Јордан, ќе влезете за да ја земете во сопственост. Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот, љубејки Го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство. Па Тој е твојот живот, твојот долг век, за да можеш да престојуваш мирно во земјата за која Господ им се заколна на твоите татковци Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја даде.“