Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 30

30
Ветување прошка и благослов на оние, кои се покајуваат
1„Кога сите овие зборови, благословот и проклетството што денес ги ставам пред тебе, те снајдат, а ти ги земеш при срце среде сите народи меѓу кои Господ, твојот Бог, ќе те протера, 2и се обрнеш кон Господа, својот Бог, и го послушаш - и ти и твоите синови - Неговиот глас од сето свое срце и од сета своја душа во сѐ што денес ти наредив, 3тогаш Господ, твојот Бог, ќе ги врати твоите заробеници; ќе се смилува на тебе и пак ќе те собере од сите народи меѓу кои те протерал Господ, твојот Бог. 4И до крајот на небесата ако бидеш отфрлен, Господ твојот Бог ќе те собере оттаму, и ќе те земе оттаму. 5Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата, која ја имаа во сопственост твоите татковци, за да ја завладееш ти; ќе те направам посреќен и поброен од твоите татковци. 6Господ, твојот Бог, ќе го обреже твоето срце, срцето на твоето потомство, така што ќе го љубиш Господа, својот Бог, од сето свое срце и од сета своја душа, па да живееш. 7Господ, твојот Бог, ќе ги наведе сите овие проклетства на твоите непријатели, на твоите мразители, кои те гонеа. 8А ти наново ќе го слушаш Господовиот глас и ќе ги вршиш сите Негови заповеди, што денес ти ги давам. 9Господ, твојот Бог, ќе те наградува изобилно во секој потфат на твоите раце, во плодот на твојата утроба, во плодот на твојот добиток, и во родот на твојата плодна почва; зашто Господ ќе се радува пак над твоето добро, како што се радуваше над доброто на твоите татковци, 10кога ќе го послушаш гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги Неговите заповеди и Неговите наредби запишани во книжен свиток на овој Закон, односно кога ќе му се обрнеш на Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.“
11„Оваа заповед, што ти ја давам денес, не е длабока за тебе ниту е предалеку од тебе. 12Не е на небесата, за да би рекол: ‘Кој ќе се искачи за нас на небесата, па да ни ја објави за да ја вршиме.’ 13Не е ни преку море, за да би можел да речеш: ‘Кој ќе тргне за нас преку море, за да ни ја донесе и да ни ја објави па да ја вршиме!’ 14Зашто, заповедта е сосем близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце, за да ја извршуваш.“
Избор на живот или смрт
15„Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа. 16Ако ги послушаш заповедите на Господа, својот Бог, кои ти ги давам денес - ако ги послушаш љубејќи Го Господа, својот Бог, одејќи по неговите патишта, вршејќи ги Неговите заповеди, Неговите закони и Неговите уредби, ќе живееш и Господ, твојот Бог, ќе те размножи и ќе те благослови во земјата во која влегуваш за да ја земеш во сопственост. 17Ама ако твоето срце се одврати и не послушаш, туку тргнеш по заблуда и се клањаш на други богови и ним им служиш, 18Јас ви изјавувам денес дека навистина ќе пропаднете; не ќе живеете долго на земјата во која, откако ќе поминете преку Јордан, ќе влезете за да ја земете во сопственост. 19Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот, 20љубејки Го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство. Па Тој е твојот живот, твојот долг век, за да можеш да престојуваш мирно во земјата за која Господ им се заколна на твоите татковци Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја даде.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 30: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се