Даниел 1:8-14
Даниел 1:8-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Даниел одлучи во срцето дека нема да се оскверни со царските јадења и со виното од неговиот стол, па го замоли дворскиот старешина да го поштеди та да не се оскверни. Господ му даде на Даниела та најде благонаклоност и милост кај старешината на придворниците. Началникот му рече на Даниела: „Се плашам од својот господар царот; тој ви одреди јадење и пиење, па ако види дека вашите лица се помршави отколку во другите момчиња од ваша возраст, јас ќе бидам виновен заради вас пред царот.“ Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого старешината на придворниците им го беше одредил на Даниела, Ананија, Мисаила и Азарија: „Те молам, обиди се со своите слуги десет дни: нека ни даваат зеленчук за јадење и вода за пиење. Тогаш ќе видиш какви ќе бидеме ние а какви момчињата кои јадат од царските јадења, па направи со своите слуги според она што ќе видиш.“ Тој се согласи и ги остави на испитување десет дни.
Даниел 1:8-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Даниел науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното што го пиеше царот, па затоа го замоли началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува. Бог му даде на Даниел милост и благонаклоност кај началникот на дворјаните. И така, началникот на дворјаните му рече на Даниел: „Се плашам од својот господар, царот, кој лично ја определи храната и пиењето; ако ги види вашите лица послаби, отколку што се кај момчињата, вашите врсници, вие ќе го доведете во опасност мојот живот пред царот.“ Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого го беше поставил над Даниел, Ананија, Мисаил и Азарија началникот на дворјаните: „Обиди се со слугите свои – десет дни нека ни даваат зеленчук како храна и вода како пиење; а потоа нека се јават пред тебе нашите лица и лицата на оние момчиња што се хранат од царската трпеза, па потоа постапувај со слугите свои, како што ќе мислиш да е добро.“ Тој ги послуша во тоа и направи таков обид со нив десет дена.