Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДАНИЕЛ 1

1
ИСТОРИЈА НА ПРОРОК ДАНИЕЛ
1:1-6:28
А. Даниел во дворец на вавилонски цар
1. Заземање на Ерусалим
1Во третата година на царувањето на Јоаким, царот на Јудеја, дојде Навуходоносор, царот на Вавилон, против Ерусалим та го опсади. 2Господ му ги даде во рацете Јоакима, јудејскиот цар, и дел од садовите во Божјиот дом; тој ги однесе во земјата Сенар и ги сложи садовите во ризницата на својот бог.
2. Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј
3Царот му нареди на Асфеназа, старешината на своите придворници да доведе од синовите Израелеви неколку момчиња од царски или од благороднички род: 4нека бидат без недостатоци, убави, вешти во секоја мудрост, добро поучени и бистри, достојни да стојат во царски дворец; Асфеназ нека ги научи на писмото и јазикот на Халдејците. 5Царот им одреди дневно следување од царските јадења и од виното од својот стол. Нека ги воспитуваат три години, а потоа ќе стојат пред царот. 6Меѓу нив беа Јудејците: Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. 7Старешината на придворниците им даде имиња: Даниел ќе се вика Валтазар, Ананиј Седрах, Мисаил Мисах, Азариј Авденаго.
3. Испитување на нивна вера
8Даниел одлучи во срцето дека нема да се оскверни со царските јадења и со виното од неговиот стол, па го замоли дворскиот старешина да го поштеди та да не се оскверни. 9Господ му даде на Даниела та најде благонаклоност и милост кај старешината на придворниците. 10Началникот му рече на Даниела: „Се плашам од својот господар царот; тој ви одреди јадење и пиење, па ако види дека вашите лица се помршави отколку во другите момчиња од ваша возраст, јас ќе бидам виновен заради вас пред царот.“ 11Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого старешината на придворниците им го беше одредил на Даниела, Ананија, Мисаила и Азарија: 12„Те молам, обиди се со своите слуги десет дни: нека ни даваат зеленчук за јадење и вода за пиење. 13Тогаш ќе видиш какви ќе бидеме ние а какви момчињата кои јадат од царските јадења, па направи со своите слуги според она што ќе видиш.“ 14Тој се согласи и ги остави на испитување десет дни. 15А по десет дена тие беа поубави и позгоени отколку момчињата кои јадеа од царските јадења. 16Оттогаш чуварот ги прекрати нивните јадења и дажбата вино што требаа да го пијат, та им даваше зеленчук.
4. Награда за нивна вера
17На овие четири момчиња Бог им даде знаење и разбирање на сите книги и мудрости. Даниел ги разбираше виденијата и соништата. 18Откако се исполни времето одредено од царот за да му ги доведат, старешината на придворниците ги воведе пред Навуходоносора. 19Царот разговараше со нив, и меѓу сите не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. И така тие останаа пред царот. 20И во сѐ мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство. 21Даниел остана таму до првата година на владеењето на цар Кир.

Селектирано:

ДАНИЕЛ 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се