Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 1:1-21

Даниел 1:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во третата година од царувањето на јудејскиот цар Јоаким се крена вавилонскиот цар Навуходоносор против Ерусалим и го опседна. И го предаде Господ во раката негова јудејскиот цар Јоаким и дел од са­довите на домот Божји, и тој ги испрати во земјата Сенаар, во домот на него­виот бог, и ги внесоа тие садови во риз­ницата на неговиот бог. И му рече царот на Ашпеназ, начал­никот на дворјаните, да му доведе од синовите Израелови, од царски и кне­жевски род, момчиња кои немаа никаков телесен недостаток, лични за гледање и способни за секаква наука, добро воспитани, бистри, што ќе одговараат за служење во царските палати, и да ги научи хал­дејски јазик. И определи царот секојдневна храна од царската трпеза и вино што сам го пиеше, па заповеда да ги одгледуваат три години, а потоа да се појават пред царот. Меѓу нив беа од Јудините синови Даниел, Ананија, Мисаил и Азарија. Тогаш началникот на дворјаните им ги смени имињата: Даниел го нарече Валтазар, Ананија – Седрах, Мисаил – Мисах и Азарија – Авденаго. Даниел науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното што го пиеше царот, па затоа го за­моли началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува. Бог му даде на Даниел милост и благонаклоност кај началникот на дворјаните. И така, началникот на дворјаните му рече на Даниел: „Се плашам од својот господар, царот, кој лично ја определи храната и пиењето; ако ги види вашите лица послаби, отколку што се кај момчињата, вашите врсници, вие ќе го доведете во опасност мојот живот пред царот.“ Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого го беше поставил над Даниел, Ананија, Мисаил и Азарија началникот на дворјаните: „Обиди се со слугите свои – десет дни нека ни даваат зеленчук како храна и вода како пиење; а потоа нека се јават пред тебе нашите лица и лицата на оние момчиња што се хранат од царската трпеза, па потоа постапувај со слугите свои, како што ќе мислиш да е добро.“ Тој ги послуша во тоа и направи таков обид со нив десет дена. По десетте дена лицата нивни из­гледаа поубави, а и телесно беа пополни од сите оние момчиња, што се хра­неа со царските јадења. Оттогаш чуварот им даваше зелен­чук, наместо царската храна. И им дарува Бог на четирите мом­чиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниел му подари уште да толкува и секакви виденија и соништа. Откако завршија деновите, кога царот беше заповедал да ги претстават, началникот на дворјаните ги претстави пред Навуходоносор. Царот зборуваше со нив и од сите момчиња не се најде ниту едно како што беа Даниел, Ананија, Мисаил и Азарија, и потоа тие почнаа да служат пред царот. И во сѐ, за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство. И остана таму Даниел до првата го­дина на царот Кир.

Даниел 1:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во третата година на царувањето на Јоаким, царот на Јудеја, дојде Навуходоносор, царот на Вавилон, против Ерусалим та го опсади. Господ му ги даде во рацете Јоакима, јудејскиот цар, и дел од садовите во Божјиот дом; тој ги однесе во земјата Сенар и ги сложи садовите во ризницата на својот бог. Царот му нареди на Асфеназа, старешината на своите придворници да доведе од синовите Израелеви неколку момчиња од царски или од благороднички род: нека бидат без недостатоци, убави, вешти во секоја мудрост, добро поучени и бистри, достојни да стојат во царски дворец; Асфеназ нека ги научи на писмото и јазикот на Халдејците. Царот им одреди дневно следување од царските јадења и од виното од својот стол. Нека ги воспитуваат три години, а потоа ќе стојат пред царот. Меѓу нив беа Јудејците: Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. Старешината на придворниците им даде имиња: Даниел ќе се вика Валтазар, Ананиј Седрах, Мисаил Мисах, Азариј Авденаго. Даниел одлучи во срцето дека нема да се оскверни со царските јадења и со виното од неговиот стол, па го замоли дворскиот старешина да го поштеди та да не се оскверни. Господ му даде на Даниела та најде благонаклоност и милост кај старешината на придворниците. Началникот му рече на Даниела: „Се плашам од својот господар царот; тој ви одреди јадење и пиење, па ако види дека вашите лица се помршави отколку во другите момчиња од ваша возраст, јас ќе бидам виновен заради вас пред царот.“ Тогаш Даниел му рече на чуварот, кого старешината на придворниците им го беше одредил на Даниела, Ананија, Мисаила и Азарија: „Те молам, обиди се со своите слуги десет дни: нека ни даваат зеленчук за јадење и вода за пиење. Тогаш ќе видиш какви ќе бидеме ние а какви момчињата кои јадат од царските јадења, па направи со своите слуги според она што ќе видиш.“ Тој се согласи и ги остави на испитување десет дни. А по десет дена тие беа поубави и позгоени отколку момчињата кои јадеа од царските јадења. Оттогаш чуварот ги прекрати нивните јадења и дажбата вино што требаа да го пијат, та им даваше зеленчук. На овие четири момчиња Бог им даде знаење и разбирање на сите книги и мудрости. Даниел ги разбираше виденијата и соништата. Откако се исполни времето одредено од царот за да му ги доведат, старешината на придворниците ги воведе пред Навуходоносора. Царот разговараше со нив, и меѓу сите не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. И така тие останаа пред царот. И во сѐ мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство. Даниел остана таму до првата година на владеењето на цар Кир.