Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 9:10-18

Дела 9:10-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“ Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли. Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“ Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим! Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“ Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците. А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“ Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен.

Дела 9:10-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананија, кому во видение Гос­под му рече: „Ананија!“ А тој одговори: „Еве ме Господи!“ Тогаш Господ му рече: „Стани и оди во улицата што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот од Тарс, по име Савле; ете, тој сега се моли.“ И во видение виде еден човек, по име Ананија, како му пријдува и полага раце над него, за да може да прогледа. А Ананија одговори: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на Твоите светии во Еру­салим; а тој и овде има овластување од првосвештениците да ги врзува сите што го повикуваат името Твое.“ Но Господ му рече: „Оди, зашто тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израелови. И Јас ќе му покажам колку треба тој да пострада заради името Мое.“ А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи рацете свои над не­го, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.“ И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога ста­на, се крсти.

Дела 9:10-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А во Дамаск беше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му рече во привидение: „Ананиј!“ А тој рече: „Еве ме, Господи!“ А Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика „Права,“ и во Јудината куќа побарај го тарсанецот, наречен Савле! Зашто, ете, тој се моли.“ И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува при него и ги полага рацете на него за да прогледа. Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим. И тука има власт од свештеничките главатари да ги врзе сите оние, кои го повикуваат Твоето име.“ А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред народите, и пред царевите, и пред Израелевите синови; Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име.“ И Ананиј отиде, и влезе во куќата и ги положи рацете на него и рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност