Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 25:1-30

2 Царевите 25:1-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во деветтата година од царувањето свое, во десеттиот месец, на десеттиот ден од месецот, вавилонскиот цар Навуходоносор дој­де со сета своја војска пред Ерусалим, го опседна и направи околу него опкоп. И градот стоеше во опсада до единаесеттата година од владеењето на царот Седекија. На деветтиот ден од четвртиот месец гладот се засили во градот, и на­родот немаше леб. Градот беше преземен, и сите воени лица избегаа ноќе по патот кон портите, меѓу двата ѕида што се до царската градина; а Халдејците стоеја околу градот, и царот отиде по патот кон рамнината. Халдејската војска се спушти по ца­рот и го стигна во Ерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него. Тогаш го фатија царот, го одведоа кај вавилонскиот цар во Ривла и извршија над него суд; синовите на Седекија ги заклаа пред очите негови, а на Седекија му ги избодеа очите, го оковаа во окови и го одведоа во Вавилон. На петтиот месец, на седмиот ден од месецот, односно во деветнаесеттата година од владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде Невузардан, заповедник на телохранителите, слуга на вавилонскиот цар, во Ерусалим и го изгоре домот Господов и цар­скиот дом, и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи ги изгоре со оган; и ѕидовите околу Ерусалим беа урнати од халдејската војска што беше со заповедникот на телохранителите. А другиот народ што беше оста­нал во градот, и одметниците, кои му се предале на вавилонскиот цар, а и другиот народ ги исели Невузардан, запо­ведникот на телохранителите. Само малкумина од сиромасите на оваа земја заповедникот на тело­хранителите ги остави за работници во лозјата и за земјоделци. И бронзените столбови во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море во домот Господов Халдејците го испокршија и ја однесоа бронзата нивна во Вавилон; и котлите, и лопатките, и штипки­те, и лажиците, и сите бакарни садови што се употребуваа во служ­бата, ги кренаа; и кадилниците, и садовите, – сѐ што имаше златно, и сѐ што имаше сребрено, го зеде заповедникот на телохра­нителите; столбови два, море едно, и поднож­јата што Соломон ги беше направил во домот Господов, – бронзата во сите тие работи немаше мерка. Едниот столб беше висок осумнаесет лакти, главата му беше од бронза, а висината на главата – три лакти, и мрежата на наровите околу главата – сето тоа беше од бронза. Тоа исто го имаше и другиот столб со мрежата. Заповедникот на телохранителите го зеде првосвештеникот Сераја, заме­никот-првосвештеник Софонија и тројца свештеници-вратари. Од градот тој зеде еден дворски човек, кој беше заповедник на воените лица, и петте души што стоеја пред царското лице и се наоѓаа во градот, и главниот писар на војската што го запишуваше во војската народот на земјата, и шеесет души од народот на земјата, кои се наоѓаа во градот. Ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе кај вавилонскиот цар во Ривла. И вавилонскиот цар ги порази и ги погуби во Ривла, во земјата Хамат. И Јудејците беа иселени од земјата своја. А над народот, оставен во јудејската земја, вавилонскиот цар Навуходо­носор го постави за управ­ник Годолија, синот на Ахикам, Сафанов син. Кога сите војсководци, тие и луѓето нивни, слушнаа дека вавилонскиот цар го поставил за управник Годолија, дојдоа кај Годолија во Мицпа: Исмаил, синот на Нетанија, Јоханан, син на Кареах, Сераја, син на Танхусмет од Нетофа, и Јаазанјаху од Мааха, тие и луѓето нивни. И им се заколна Годолија, ним и на луѓето нивни, и им рече: „Не плашете се што ќе бидете потчинети на Халдеј­ците; населувајте се во земјата, служете му на вавилонскиот цар и ќе ви биде добро.“ Но во седмиот месец дојде Исма­ил, синот на Нетанија, Елишамаев син, од царски род, со десет души, го порази Годолија, и тој умре, а и Јудејците, и Халдејците што беа во Мицпа. Тогаш се крена сиот народ, од мало до големо, и војсководците, па отидоа во Египет, зашто се плашеа од Хал­дејците. Во триесет и седмата година од преселувањето на јудејскиот цар Јехониј, во дванаесеттиот месец, на дваесет и седмиот ден од месецот, вавилонскиот цар Евил-Меродах, во годината на зацарувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехониј, говореше со него пријателски и го постави престолот негов погоре од престолот на царевите што беа пред него во Вавилон; и му ја смени затворската облека негова; и секогаш Јехониј јадеше со него, во сите дни на животот свој. За постојана издршка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на неговиот живот.

2 Царевите 25:1-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со својата војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи. Градот остана опколен до единаесеттата година на Седекиевото царување. Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таков глад што простиот народ немаше ни леб, непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу двата ѕида над Царската Градина - Халдејците го имаа опколено градот - и тргнаа по патот кон Арава. Халдејските чети тргнаа во потера по царот и го настигнаа во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега. Халдејците го фатија и го одведоа во Ривла пред вавилонскиот цар, кој што му изрече пресуда. Ги закла Седекиевите синови пред неговите очи, на Седекија му ги ископа очите, го окова во окови и го одведе во Вавилон. Во седмиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим влезе Невузардан, заповедник на царската телесна стража и телохранител на вавилонскиот цар. Тој ги запали Господовиот Дом, царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим. Халдејските чети, под заповедникот на царските телохранители, ги разурнаа ѕидовите што го опкружуваа Ерусалим. Невузардан, заповедникот на царските телохранители, го одведе на заточение Остатокот на народот што беше останал во градот, а исто така и бегалците при вавилонскиот цар и другиот свет. Некои од сиромашните, заповедникот ги остави во земјата како лозари и земјоделци. Халдејците ги скршија бронзените столбови во Господовиот Дом, подножјата и бронзеното море што беа во Господовиот Дом и бронзата ја однесоа во Вавилон. Ги зедоа и грнчињата, лопатите, ножевите, садовите, и воопшто сиот бронзен прибор што беше употребуван во богослужбата. Заповедникот ги зеде и кадилниците и прскалниците, воопшто сѐ што беше од злато и сребро, два столба, едно море и подножјата, што Соломон даде да ги изработат за Господовиот Дом. Немаше мерка да се прецени колку беше бронзата во сите тие предмети. Првиот столб беше висок осумнаесет лакти, имаше главче од бронза, високо три лакти; имаше мрежа наоколу и калинки, сѐ од бронза. Таков беше и вториот столб. Началникот на телохранителите ги одведе свештеничкиот главатар Серај, вториот свештеник, Софониј, и тројцата чувари на прагот. Од градот одведе еден дворјанец, војничкиот заповедник, пет луѓе од царската придружба кои се најдоа во градот, писарот на заповедникот на војската, кој собираше војска од народот, и шеесет луѓе од земниот народ кои се најдоа во градот. Заповедникот на царската телесна стража ги одведе пред вавилонскиот цар во Ривла. И вавилонскиот цар заповеда да ги погубат во Ривла, во Ематската Земја. Така го одведоа јудејскиот народ од неговата родна земја. На народот што остана во јудејската земја и што го остави вавилонскиот цар Навуходоносор, им го постави овој за управител Годолиј, синот Ахикамов, внукот Сафанов. Сите воени повелници и нивните луѓе научија дека вавилонскиот цар ѝ го постави на земјата за намесник Годолиј, и дојдоа пред него во Миспа: Нетаниевиот син Исмаил; Каријаевиот син Јоанан; синот Тануметов од Нетофат, Серај; синот Махатов Јазаниј - тие и сите нивни луѓе. Годолиј им се заколна ним и на нивните луѓе, и рече: „Не бојте се да им служите на Халдејците; останете во земјата, бидете му потчинети на вавилонскиот цар, и ќе ви биде добро.“ Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот Нетаниев, внукот Сафанов, внукот Елисамов, кој беше од царски род, и уште десет луѓе со нив, го убија Годолиј, та тој умре како и сите Јудејци и Халдејци кои беа со него во Миспа. Тогаш сиот народ, од малиот до големиот, и сите заповедници на четите, станаа и отидоа во Египет, зашто се боеја од Халдејците. Во триесет и седмата година откако е заточен јудејскиот цар Јоахин, во дваесет и седмиот ден на дванаесеттиот месец, вавилонскиот цар Евил-Меродах во првата година на своето владеење го помилува јудејскиот цар Јоахин и го пушти од темницата. Разговараше со него љубезно и столицата му ја постави повисоко отколку на другите цареви кои беа со нив во Вавилон. Јоахин ги смени своите темнички облеки и јадеше со царот покрај исти стол во текот на сиот свој век. До крајот на неговиот живот вавилонскиот цар трајно, од ден во ден, му даваше издржување.