Во деветтата година од царувањето свое, во десеттиот месец, на десеттиот ден од месецот, вавилонскиот цар Навуходоносор дојде со сета своја војска пред Ерусалим, го опседна и направи околу него опкоп. И градот стоеше во опсада до единаесеттата година од владеењето на царот Седекија. На деветтиот ден од четвртиот месец гладот се засили во градот, и народот немаше леб. Градот беше преземен, и сите воени лица избегаа ноќе по патот кон портите, меѓу двата ѕида што се до царската градина; а Халдејците стоеја околу градот, и царот отиде по патот кон рамнината. Халдејската војска се спушти по царот и го стигна во Ерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него. Тогаш го фатија царот, го одведоа кај вавилонскиот цар во Ривла и извршија над него суд; синовите на Седекија ги заклаа пред очите негови, а на Седекија му ги избодеа очите, го оковаа во окови и го одведоа во Вавилон.
На петтиот месец, на седмиот ден од месецот, односно во деветнаесеттата година од владеењето на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде Невузардан, заповедник на телохранителите, слуга на вавилонскиот цар, во Ерусалим и го изгоре домот Господов и царскиот дом, и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи ги изгоре со оган; и ѕидовите околу Ерусалим беа урнати од халдејската војска што беше со заповедникот на телохранителите. А другиот народ што беше останал во градот, и одметниците, кои му се предале на вавилонскиот цар, а и другиот народ ги исели Невузардан, заповедникот на телохранителите. Само малкумина од сиромасите на оваа земја заповедникот на телохранителите ги остави за работници во лозјата и за земјоделци. И бронзените столбови во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море во домот Господов Халдејците го испокршија и ја однесоа бронзата нивна во Вавилон; и котлите, и лопатките, и штипките, и лажиците, и сите бакарни садови што се употребуваа во службата, ги кренаа; и кадилниците, и садовите, – сѐ што имаше златно, и сѐ што имаше сребрено, го зеде заповедникот на телохранителите; столбови два, море едно, и подножјата што Соломон ги беше направил во домот Господов, – бронзата во сите тие работи немаше мерка. Едниот столб беше висок осумнаесет лакти, главата му беше од бронза, а висината на главата – три лакти, и мрежата на наровите околу главата – сето тоа беше од бронза. Тоа исто го имаше и другиот столб со мрежата. Заповедникот на телохранителите го зеде првосвештеникот Сераја, заменикот-првосвештеник Софонија и тројца свештеници-вратари. Од градот тој зеде еден дворски човек, кој беше заповедник на воените лица, и петте души што стоеја пред царското лице и се наоѓаа во градот, и главниот писар на војската што го запишуваше во војската народот на земјата, и шеесет души од народот на земјата, кои се наоѓаа во градот. Ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе кај вавилонскиот цар во Ривла. И вавилонскиот цар ги порази и ги погуби во Ривла, во земјата Хамат. И Јудејците беа иселени од земјата своја.
А над народот, оставен во јудејската земја, вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за управник Годолија, синот на Ахикам, Сафанов син. Кога сите војсководци, тие и луѓето нивни, слушнаа дека вавилонскиот цар го поставил за управник Годолија, дојдоа кај Годолија во Мицпа: Исмаил, синот на Нетанија, Јоханан, син на Кареах, Сераја, син на Танхусмет од Нетофа, и Јаазанјаху од Мааха, тие и луѓето нивни. И им се заколна Годолија, ним и на луѓето нивни, и им рече: „Не плашете се што ќе бидете потчинети на Халдејците; населувајте се во земјата, служете му на вавилонскиот цар и ќе ви биде добро.“ Но во седмиот месец дојде Исмаил, синот на Нетанија, Елишамаев син, од царски род, со десет души, го порази Годолија, и тој умре, а и Јудејците, и Халдејците што беа во Мицпа. Тогаш се крена сиот народ, од мало до големо, и војсководците, па отидоа во Египет, зашто се плашеа од Халдејците.
Во триесет и седмата година од преселувањето на јудејскиот цар Јехониј, во дванаесеттиот месец, на дваесет и седмиот ден од месецот, вавилонскиот цар Евил-Меродах, во годината на зацарувањето свое, го изведе од затвор јудејскиот цар Јехониј, говореше со него пријателски и го постави престолот негов погоре од престолот на царевите што беа пред него во Вавилон; и му ја смени затворската облека негова; и секогаш Јехониј јадеше со него, во сите дни на животот свој. За постојана издршка, му се даваше на царот, секој ден, во сите дни на неговиот живот.