Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 8:1-15

2 Коринтјаните 8:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги пријатели христијани во Коринт, сакаме да ве известиме за Божјата милосрдна благонаклоност кон црквите во Македонија. Тие поминаа низ големи искушенија и низ многу неволи, но нивната радост е толку голема што, и покрај нивната голема сиромаштија, тие се многу дарежливи. Јас сум сведок дека тие дадоа толку доброволни прилози колку што им се можностите, па и повеќе. Многу не молеа да им дадеме можност и тие да се вклучат во собирањето доброволни прилози за помош на христијаните во Ерусалим. Направија повеќе отколку што очекувавме. Прво самите себе Му се предадоа на Господ, а потоа ни се предадоа и нам, следејќи ја Божјата волја. Затоа го замоливме Тит, кој од порано ја започна оваа служба на милосрдие меѓу вас, да се врати кај вас и да ја доврши. Како што вие во многу нешта се истакнувате и имате: вера, проповедници, знаење, сериозен однос, љубов спрема нас, така погрижете се и вашата милосрдна дарежливост да не заостане. Ова не е наредба, туку, гледајќи ја ревноста со која другите и пристапуваат на оваа задача, сакам да проверам колку е искрена вашата љубов. Вие знаете каков милосрден дар ни даде нашиот Господ Исус Христос! Иако беше богат, заради вас Тој стана сиромашен, та преку Неговата сиромаштија вие да станете богати. Пред една година вие први почнавте да давате прилози и го правевте тоа од се срце. Затоа ви препорачувам сега да го довршите тоа дело; тоа ќе биде добро и за вас. Довршете ја оваа работа со истата ревност со која и ја започнавте. Дајте толку колку што можете. Ако постои добра волја, таа се цени според можностите на секој дародавател. Никој не очекува да дадете нешто што немате. Не велам давајќи за другите, вие да западнете во невола, туку повикувам на еднаквост. Сега, кога вие имате во изобилие, треба да им помогнете на оние што се во немаштија, па кога тие ќе имаат во изобилие, а вие ќе бидете во скудност, тие вам да ви помогнат, па така да постои еднаквост меѓу нас. Сетете се што пишува во Светото Писмо: „На оној што собра многу ништо не му преостана, а на оној што собра малку, сепак, му достаса.“

2 Коринтјаните 8:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Браќа, ве известувам за благодатта Божја, дадена на македонските цркви, дека и покрај големото испитување во маката, нивната радост беше изобилна; и покрај нивната длабока сиромаш­тија покажаа големо богатство во нивната дарежливост, зашто, според нивните можности, па дури и преку нивните можности, јас сум сведок дека тие даваа доброволно, нѐ молеа многу усрдно да го прими­ме нивниот дар и учеството во прислу­жувањето на светиите; и тоа не како што се надевавме, туку тие најнапред сами себе Му се предадоа на Господ, а потоа и нам, по волјата Божја. Затоа го замоливме Тит, онака како што беше почнал порано, така и меѓу вас да го заврши тоа дело на дареж­ли­воста. И како што сѐ изобилува во вас: верата и словото, знаењето и секоја усрдност и љубовта ваша кон нас, така нека изобилува во вас и таа добродетел. Ова ви го велам не како заповед, ту­ку преку усрдност на другите да ја испитаме искреноста и на вашата љу­бов. Бидејќи вие ја знаете дарежливоста на нашиот Господ Исус Христос, дека Тој, иако богат, осиромаши заради вас, да се збогатите и вие преку Неговата сиромаштија. А со ова ви давам само совет, зашто тоа е полезно за вас, кои почнавте уште од минатата година, не само да го пра­вите, туку и да сакате да го правите. А сега довршете го започнатото де­ло, та, како што имаше усрдност во ва­шето барање, така усрдно нека биде и неговото довршување според можностите. Зашто, ако се има усрдност, таа е мила по тоа што ја има, а не по тоа што ја нема. Затоа не сакам на другите да им би­де лесно, а вам – тешко, туку подеднакво: вашиот сегашен вишок да го дополни нивниот недостиг, та и нивниот вишок да послужи за вашиот недостиг, па да има еднаквост, како што е напишано: „Кој собра многу, немал вишок; и кој малку, немал недостиг.“

2 Коринтјаните 8:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ве известувам, браќа, за Божјата благодат дадена на црквите во Македонија; дека, иако во многу неволји, со кои беа искушувани, нивната преумножена радост и длабоката беда, покажаа преизобилно богатство на нивната дарежливост. Зашто сведочам, дека според своите можности, а и преку нив, дадоа доброволно и нѐ молеа многу да им ја укажеме милоста да можат да учествуваат во службата на светите. И даваа не само како што се надевавме, туку и самите себе Му се предадоа прво на Господа, и тогаш нам, преку Божјата волја. Затоа го замоливме Тит како што порано започна, така и да го заврши меѓу вас и ова дело на љубовта. И како што изобилувате во сѐ, во верата, во словото, во знаењето, во секаква ревност и во љубовта кон нас, покажете го своето изобилство и во ова дело на љубовта. Не го велам ова како заповед, туку ја испитувам искреноста на вашата љубов, преку ревноста на другите. Зашто позната ви е благодатта на нашиот Господ Исус Христос, како заради вас од богат стана сиромашен, за да се обогатите вие преку Неговата сиромаштија. Со ова ви давам само совет, зашто тоа е полезно за вас, кои веќе од минатата година го почнавте не само со дело, туку и со својата волја. А сега довршете го и тоа дело: како што бевте подготвени да сакате, така да бидете подготвени и да го довршите, според она што имате. Зашто, ако има добра волја, таа е добро дошла според она што има, а не според она што нема. Не сакам олеснувањето на другите да ви донесе неволја вам, туку да има рамноправност: во сегашно време вашиот одвишок да ја покрие нивната скудност, и нивниот одвишок да послужи на вашата скудност, за да биде рамноправност, според она што е напишано: „Кој собра многу, немаше одвишок, а кој собра малку, немаше недостиг.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност