Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 1:12-24

2 Коринтјаните 1:12-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Ние можеме да бидеме горди на нашата чиста совест. Спрема сите луѓе, а посебно спрема вас, бевме отворени и искрени, онака како што Бог не учи. Не постапувавме онака како што телесен човек би сметал дека е мудро, туку не водеше Бог, Кој ни беше благонаклонет. Моите писма се јасни. Нема ништо неразбирливо, или скриено меѓу редови. Се надевам дека еден ден се ќе ви биде јасно, иако сега само делумно ви е јасно. Така, на денот кога нашиот Господ Исус ќе се врати, вие ќе се гордеете со нас, а ние со вас. Со таа увереност имав намера да дојдам прво кај вас, и дури двапати да ви бидам полезен: еднаш да ве посетам на одење накај Македонија, а потоа на враќање од Македонија повторно да свратам кај вас и оттаму вие да ме испратите за Јудеја. Се надевам дека нема да ме обвините оти не си стојам на зборот и дека се однесувам како световните луѓе кои кога велат „да“ всушност мислат „не“. Бог ми е сведок дека нашето „да“ не е двосмислено, па да значи и „не“, затоа што Божјиот Син, Исус Христос, за Кого ви проповедавме јас, Силван и Тимотеј, не зборуваше двосмислено, туку она што ќе го кажеше секогаш беше и остануваше така како што е кажано. Сите Божји ветувања се исполнети во Него. Затоа, кога на Бог Му оддаваме слава преку Исус велиме „Амин“. Бог е Тој што и вам и нам ни дава сили да стоиме цврсто на страната на Христос. Тој не одбра, го стави Својот печат врз нас и Го всели во нашите срца Својот Дух како потврда дека сме Негови. Бог ми е сведок дека причината за моето недоаѓање во Коринт беше со цел да ве поштедам од укорување. Ние не сме ви господари што ќе ви кажуваат како треба, а како не треба да верувате. Сакаме само да соработуваме со вас, за да бидете исполнети со радост, зашто вие во верата сте непоколебливи.

2 Коринтјаните 1:12-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Бидејќи нашата пофалба е оваа: сведоштво на нашата совест дека со простодушност и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живееме на светот, особено, пак, меѓу вас. Зашто друго не ви пишуваме, освен она што го читате и разбирате, па се надеваме дека и до крај ќе го разберете, како што веќе донекаде и разбравте дека ние сме ваша пофалба, како и вие наша, во денот на нашиот Господ Исус Христос. И со таа увереност се готвев да дојдам кај вас порано, та повторно да при­мите благодат, и преку вас да заминам за Ма­ке­до­нија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, та вие да ме придружите до Јудеја. Но, сметајќи го ова, можеби лес­но­мислено постапив? Или, пак, што се на­канував, по телото ли се наканував, та моето „Да“ да биде и „Не?“ Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше „Да“ и „Не.“ Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силван и Тимотеј, не беше „Да“ и „Не“, туку во Него беше „Да“, бидејќи сите ветувања Божји во Не­го се „Да“, и во Него „Амин“, за слава Божја преку нас. Бог е Оној Кој нѐ утврди со вас во Христос и нѐ помаза; Тој и нѐ запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши. А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа дека, штедејќи ве вас, не дојдов во Коринт досега; но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме соработници на ваша­та радост, бидејќи во верата вие сте цврсти.

2 Коринтјаните 1:12-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто нашата самопофалба е ова: сведоштвото на нашата совест, дека ние живееме во светот, а особено меѓу вас, во светост и Божја искреност, а не во телесна мудрост, туку во Божјата благодат. Зашто, не ви пишуваме нешто друго, освен она, што го читате и разбирате; а се надевам дека ќе разберете до крај, како што веќе нѐ разбравте делумно: дека ние сме пофалба за вас, а вие за нас, во Денот на нашиот Господ Исус. Со таа увереност сакав да дојдам најпрвин при вас, за да примите двојна благодат; и преку вас да поминам во Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас, и вие да ме испратите за Јудеја. И така, да не постапив лесномислено кога го посакав тоа? Или моите намери, се намери по телото, така што во мене истовремено е „да-да“ и „не-не.“ Бог е верен, дека: нашето слово кон вас не е „да“ и „не.“ Зашто Божјиот Син, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас: јас, Силуан и Тимотеј, не беше „да“ и „не“, туку во Него беше „да“, бидејќи Божјите ветувања, колку многу и да се, во Него се „да.“ Затоа и ние велиме „Амин“, преку Него, за слава на Бога, преку нас. А Бог нѐ утврдува заедно со вас во Христа и нѐ помаза, и нѐ запечати и ни го даде Духот во нашите срца, како залог. А јас Го повикувам Бога за сведок на својата душа: дека, штедејќи ве вас, не дојдов веќе во Коринт; но не како ние да владееме со вашата вера, туку сме соработници во вашата радост, зашто во верата вие стоите цврсто.