Бидејќи нашата пофалба е оваа: сведоштво на нашата совест дека со простодушност и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живееме на светот, особено, пак, меѓу вас. Зашто друго не ви пишуваме, освен она што го читате и разбирате, па се надеваме дека и до крај ќе го разберете, како што веќе донекаде и разбравте дека ние сме ваша пофалба, како и вие наша, во денот на нашиот Господ Исус Христос. И со таа увереност се готвев да дојдам кај вас порано, та повторно да примите благодат, и преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, та вие да ме придружите до Јудеја. Но, сметајќи го ова, можеби лесномислено постапив? Или, пак, што се наканував, по телото ли се наканував, та моето „Да“ да биде и „Не?“ Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше „Да“ и „Не.“ Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силван и Тимотеј, не беше „Да“ и „Не“, туку во Него беше „Да“, бидејќи сите ветувања Божји во Него се „Да“, и во Него „Амин“, за слава Божја преку нас. Бог е Оној Кој нѐ утврди со вас во Христос и нѐ помаза; Тој и нѐ запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши. А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа дека, штедејќи ве вас, не дојдов во Коринт досега; но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме соработници на вашата радост, бидејќи во верата вие сте цврсти.