Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 19:4-11

2 Летописи 19:4-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Јосафат живееше во Ерусалим. И пак почна да го обиколува народот свој од Вирсавија до Ефремовата Гора, и ги поврати кон Господ, Бог на нивните предци. И постави судии во земјата по сите утврдени градови на Јудеја, во секој град, па им рече на судиите: „Внимавај­те што правите; вие вршите не суд човечки, туку суд Господов; во судската работа Бог е со вас. Затоа стравот Господов нека биде над вас: работете внимателно, зашто кај Господ, нашиот Бог, нема неправда, ни пристрасност, ниту поткупување.“ Јосафат и во Ерусалим постави некои левити и свештеници и ста­решини на домовите во Израел – за суд Господов и за тужби. И се вратија во Ерусалим. Тогаш им заповеда, велејќи: „Така работете со страв Господов, со верност и со чисто срце: во секоја расправија, каква што ќе дојде кај вас од браќата ваши, што живеат по градовите свои, било за крв­нина, или за закон, заповед, уредба и обреди, објаснувајте им да не грешат пред Господ, та да не дојде гневот Негов врз вас и врз браќата ваши: така работете, и нема да згрешите. И ете, првосвештеникот Амарија е над вас за секоја Господова работа, а Зевадија, синот Јишмаелов, началник на Јудиниот дом – за секоја царска ра­бота, а и левитите ќе ви служат како писари. Бидете цврсти и работе­те, и Господ ќе биде со добриот.“

2 Летописи 19:4-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Оттогаш Јосафат живееше во Ерусалим, пак излегуваше меѓу народот од Вир Савеа до Ефремовата Гора и го обрнуваше кон Господа, кон Бога на нивните татковци. Постави судии во земјата во сите утврдени јудејски градови, во секој град. И им рече: „Гледајте што работите, зашто не судите во човеково име, туку во Името на Господа. И така, сега Господовиот страв нека биде над вас; внимавајте и работете совесно, зашто во Господа, во нашиот Бог, нема неправда ни лицемерие, ниту Тој прима поткуп.“ Јосафат постави левити, свештеници и главатари на израелските семејства во Ерусалим за да ги изречуваат Господовите судови и да пресудуваат во споровите. Тие живееја во Ерусалим, и тој им даде заповеди, велејќи: „Работете со Господов страв и со искрено срце. Каков и да е спор ако излезе пред вас од вашите браќа кои живеат во градовите: било да се работи за крвна одмазда, за законот, за заповедите, за одредби или за обреди, треба сѐ да им растолкувате, за да не Му згрешат на Господа и за да не се обори Неговиот гнев на вас и на вашите браќа. Работете така и нема да бидете виновни. И еве, свештеничкиот главатар Амариј ќе биде над вас во сите Господови работи, а Исмаиловиот син Завдиј, началникот на Јудиниот дом, во сите царски работи. Левитите ќе ви служат како писари. Бидете силни, и на работа! Господ ќе биде со оној, кој е добар.“