Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЛЕТОПИСИ 19:4-11

2 ЛЕТОПИСИ 19:4-11 MKB

Оттогаш Јосафат живееше во Ерусалим, пак излегуваше меѓу народот од Вир Савеа до Ефремовата Гора и го обрнуваше кон Господа, кон Бога на нивните татковци. Постави судии во земјата во сите утврдени јудејски градови, во секој град. И им рече: „Гледајте што работите, зашто не судите во човеково име, туку во Името на Господа. И така, сега Господовиот страв нека биде над вас; внимавајте и работете совесно, зашто во Господа, во нашиот Бог, нема неправда ни лицемерие, ниту Тој прима поткуп.“ Јосафат постави левити, свештеници и главатари на израелските семејства во Ерусалим за да ги изречуваат Господовите судови и да пресудуваат во споровите. Тие живееја во Ерусалим, и тој им даде заповеди, велејќи: „Работете со Господов страв и со искрено срце. Каков и да е спор ако излезе пред вас од вашите браќа кои живеат во градовите: било да се работи за крвна одмазда, за законот, за заповедите, за одредби или за обреди, треба сѐ да им растолкувате, за да не Му згрешат на Господа и за да не се обори Неговиот гнев на вас и на вашите браќа. Работете така и нема да бидете виновни. И еве, свештеничкиот главатар Амариј ќе биде над вас во сите Господови работи, а Исмаиловиот син Завдиј, началникот на Јудиниот дом, во сите царски работи. Левитите ќе ви служат како писари. Бидете силни, и на работа! Господ ќе биде со оној, кој е добар.“