Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 7:1-13

1 Самоилова 7:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И дојдоа мажи од Кирјат-Јарим, го зедоа ковчегот на заветот Господов и го однесоа во куќата на Авинадав, на ридот, а синот негов Елеазар го посве­тија да го чува ковчегот на заветот Господов. Од оној ден, кога ковчегот остана во Кирјат-Јарим, измина многу време, речиси дваесет години. И сиот Израе­лов дом гледаше со почит кон Господ. И му рече Самоил на сиот Израелов дом, велејќи: „Ако од сѐ срце Му се враќате на Господ, отстранете ги од средината своја туѓите богови и статуите на Аштарта, подгответе ги срцата свои за Господ и Нему единствено служете Му, и Тој ќе ве избави од фи­листејските раце.“ И Израеловите синови ги отстранија разните Вааловци и Аштарти и почнаа да Му служат само на Господ. И рече Самоил: „Соберете ги сите Израелци во Мицпа, и јас ќе Му се помолам на Господ за вас.“ И се собраа во Мицпа, и црпеа вода, ја истураа пред Господ, и постеа тој ден, велејќи: „Згрешивме пред Господ.“ А Самоил им судеше на синовите Израелови во Мицпа. Кога Филистејците слушнаа дека синовите Израелови се собрале во Миц­па, кнезовите нивни излегоа против Израел; Израелците, откако го слушнаа тоа, се уплашија од Филистејците. Тогаш Израеловите синови му рекоа на Самоил: „Не престанувај да Го молиш Господа, нашиот Бог за нас, та некако да нѐ спаси од филистејските раце.“ И Самоил зеде едно јагне цицалче и го принесе како жртва сепаленица на Господ; повика Самоил кон Господ за Израел и Господ го слушна. И кога Самоил ја принесуваше сепаленицата, Филистејците дојдоа да се борат против Израел. Но тој ден Господ загрме со силен татнеж над Фи­листејците и испрати против нив силен ужас, и тие така се збркаа што паднаа пред Израел. Израелците излегоа од Мицпа, ги гонеа Филистејците и ги разбиваа сѐ до под Бет-Кар. И Самоил зеде еден камен и го стави меѓу Мицпа и Шен, и го нарече Евен-Езер што значи „До овде ни по­могна Господ.“ Така беа скротени Филистејците и не се осмелуваа повеќе да дојдат во пределите Израелови. И раката Господова беше врз Филистејците во текот на сите денови на Самоиловиот живот.

1 Самоилова 7:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш луѓето од Киријат Јарим дојдоа и го однесоа Господовиот Ковчег при себе. Го внесоа во Авинадавовата куќа, на ридот и го посветија неговиот син Елеазар да го чува Господовиот Ковчег. Од денот кога Ковчегот беше поставен во Киријат Јарим помина многу време - дваесет години - и сиот Израелев дом воздивнуваше по Господа. Тогаш Самоил му проговори на сиот Израелев дом вака: „Ако од сѐ срце Му се враќате на Господа, отстранете ги од својата средина туѓите богови, ваалите и астартите, и пригответе ги своите срца за Господа и служете Му единствено Нему. Тогаш Тој ќе ве избави од рацете на Филистејците.“ Тогаш Израелевите синови ги отстранија ваалите и астартите, и Му служеа единствено на Господа. Тогаш Самоил заповеда: „Соберете ги сите Израелеви синови во Миспа, за да Му се помолам на Господа за вас.“ И така тие се собраа во Миспа; таму нацрпуваа вода и ја излеваа пред Господа. И постеа во оној ден и признаваа: „Му согрешивме на Господа!“ И Самоил им судеше на Израелевите синови во Миспа. Кога Филистејците чуја дека Израелевите синови се собраа во Миспа, филистејските кнезови тргнаа да нападнат на Израел. Кога го видоа тоа Израелевите синови, се исплашија од Филистејците. И Израелевите синови го замолија Самоила: „Не прекратувај да викаш за нас кон Господа, кон нашиот Бог, за да нѐ избави од рацете на Филистејците.“ Самоил зеде едно јагне цицалче и Му го принесе на Господа како жртва паленица, и гласно Му се помоли на Господа за Израел, и Господ го послуша. Додека Самоил принесуваше жртва паленица, Филистејците дојдоа за да удрат на Израел, ама во тој ден Господ загрме со силен грмеж на Филистејците и така ги испалши и ги збуни, та му подлегнаа на Израел. Израелските војници излегоа од Миспа и ги спотераа Филистејците, поразувајќи ги сѐ до Вет Хар. А Самоил зеде еден камен и го постави меѓу Миспа и Сена и го нарече Евен Езер (Камен на Помош), говорејќи: „Господ ни помогна дотука.“ Така Филистејците беа понижени, и никогаш веќе не се нафрлија на Израелевата земја, а Господовата рака ги притискаше Филистејците за време на сиот век на Самоила.